„Банда“ – концерт на оркестарот на Филхармонија со дела од Гинастера, Пјацола, Гершвин

Оркестарот на Филхармонија на Република Северна Македонија во четврток (27 октомври) со почеток во 20 часот ќе го одржи концертот „Банда“ во чиј концепт ќе бидат изведени дела од големите композитори Гинастера, Лобос, Пјацола и Гершвин.

Концертот ќе се одржи под диригенство на Емил Табаков од Бугарија, а како солистка ќе настапи македонската флејтистка Илинка Велкова.

Алберто Гинастера (1916-1983) е еден од најзначајните аргентински композитори и латиноамерикански музичари на 20 век. Неговиот балет „Естанција“ е едно од делата кои се наоѓаат на самиот врв од неговото творештво и многу често е составен дел од репертоарот на светските симфониски оркестри. 

Бразилскиот композитор Хектор Вила – Лобос е автор на серијата „Бразилски Бахијани“ составена од девет суити напишани за различен инструментариум и глас во периодот меѓу 1930  и 1945 година. Тие претставуваат фузија меѓу бразилската фолклорна и популарна музика со опусот и стилот препознатлив за Јохан Себастијан Бах. Во нив Вила-Лобос прави интересен спој меѓу барокната хармонија и контрапункт со типичниот звук на бразилската музика. Најголем дел од ставовите во суитите имаат и „баховски“ и бразилски наслови – „Прелудиум“, „Фуга“ или „EmboladaO canto da nossa terra“.

За музиката на аргентинскиот композитор Пјацола и самиот тој вели дека го поседува примитивното, автентично танго.

Тангото е база на која Пјацола ја гради новата звучност, инспирирана од класичната музика и џезот. Тоа е начинот на кој го создава ‘танго нуево’ или ‘ново танго’ по кое ќе остане запаметен во светската историја на музиката“, велат од Филхармонија.

Џорџ Гршвин автор на „Порги и Бес“, делото адаптирано врз романот „Порги“ од Хејвард од кое подоцна настануваат и дел од најголемите американски хитови како „Summertime“, „It Ain’t Necessarily So“, „I Love You, Porgy“ и други.

Маестро Емил Табаков од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршил на Бугарската државна академија каде студирал контрабас на гудачкиот оддел, а паралелно студирал и дипломирал на одделот за диригирање, додека во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер, комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен.

Илинка Велкова дипломирала флејта на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на истиот факултет во 2018 година во класата на проф. Страшо Темков. Во текот на школувањето освоила бројни награди на државни и на меѓународни натпревари во категоријата за флејта и камерна музика. Во 1999 година, започнал нејзиниот професионален ангажман како флејтист и пиколист во оркестарот на Филхармонијата. Покрај оркестарскиот ангажман, настапува солистички и со различни камерни состави, а има аудио и видеозапис за Национална радио-телевизија.

Концертот е поддржан од Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.