Вработените во Филхармонија повторно на протест, бараат премиерот да се вклучи во решавање на ситуацијата

Вработените во Филхармонија на РСМ најавија дека денеска во 13 часот ќе одржат протест пред Владата на Република Северна Македонија.

Како што велат, со протестот бараат од премиерот да се вклучи во решавање на проблемот и со тоа на следната седница Владата да се заложи за промена на адресата на новоформираната институција.

„По протестите пред Министерството за култура кое донесе штетна одлука без наше знаење и зад затворени врати, продолжуваме со протести и пред Владата и бараме итна средба со премиерот за побрзо надминување на проблемот во кој сме втурнати без наша вина. Бараме државата да не заштити и со тоа и на дело да покаже дека ја почитува и цени својата традиција и култура“, стои во најавата од Синдикалната организација на Филхармонија на РСМ

Оттаму додаваат дека институцијата е непотребно ставена во ситуација која мора да биде надмината и поради тоа апелираат да се најде решение. На денешниот протест, информираат вработените, со своите инструменти ќе го изразиме своето несогласување и револт преку „Тешкото“ од Глигор Смокварски

Незадоволството на вработените во Филхармонија започна кон крајот на март, кога се појави информацијата дека новоформираниот Национален џез оркестар, пробите и концертите привремено ќе ги одржува во нивниот објект. Тие тврдат дека не е возможно во објектот на Филхармонија паралелно да работат две институции.

Оркестарот на Филхармонија и денес на протест, бараат да престанат дезинформациите