Вработените во Филхармонија и денес на протест, бараат Владата да ја смени одлуката за делење на објектот со Џез оркестарот

Вработените во Филхармонија денеска повторно излегуваат на протест пред Владата поради, како што соопшти синдикалната организација, немањето интерес на државата за нивното барање Џез оркестарот да не биде сместен во објектот на Филхармонија.

„Вработените во Македонска филхамонија не протестираат против џез оркестарот, како што одредени новинари и поединци сакаат да ја извртат вистината во последниве три месеци. Вработените во Филхармонија протестираат бидејќи не дозволуваат во нивниот простор, зграда, објект наменски изграден да ги задоволи потребите на единствениот симфониски оркестар во земјата да биде сместена уште една институција“, се вели во дописот до медиумите.

Протестот ќе започне во 12:30 часот. Од март 2023 година кога Владата ја донесе одлуката за формирање на новата Национална институција Џез оркестар до сега што Министерството за култура одлучи да ја смести во објектот на Филхармонија, вработените организираа неколку протести и протестни концерти.

Тие се на ставот дека објектот е изграден за да ги задоволи потребите само на симфонискиот оркестар.

„Нашата држава досега не покажа интерес за решавање на проблемот, и со тоа потврди дека нема интерес ниту за култура, ниту за традиција, ниту за трајни историски вредности. Она што загрижува е и фактот дека некои медиуми без тронка совест и одговорност ги погазија основните принципи на новинарскиот кодекс. Заборавија дека треба бидат ‘коректив’ на власта, и објективно да ги презентираат проблемите на граѓаните во јавноста. Наместо објективност, некои медиуми и поединци, преку ширење лажни вести и дезинформации отворено и без тронка одговорност поттикнуваа говор на омраза кон нашата институција. Наместо да бидат коректив, некои новинари, за жал, станаа огледало на нашата држава“, велат од Синдикалната организација.

Оттаму додаваат дека ќе продолжат со ваквата борба се додека Владата не ја промени одлуката или не најде решение.

Вработените во Филхармонија повторно на протест, бараат премиерот да се вклучи во решавање на ситуацијата