Иванова: Никој од Филхармонија не беше известен дека НЏМ ќе биде сместен во истите простории

„Никаде во светот во објект со планска намена за филхармонија не функционира џез ансамбл“, истакна директорката на Филхармонијата, Тина Иванова, откако денес беше одржана прес-конференција по повод новоформираниот Национален оркестар за џез музика, да биде сместен во Филхармонијата и двете институции да функционираат заедно под еден покрив.

Иванова истакна дека ниту таа, ниту некој вработен во Филхармонијата, ја знаел информацијата дека Националниот џез оркестар ќе биде сместена во Филхармонијата.

„Скоро целата институција, сите музички уметници, цела администрација и Управниот одбор, потпишаа петиција и објавија соопштенија до Владата, Министерството за култура и медиумите со аргументи зошто не би било добро Националниот оркестар за џез музика да функционира во зградата на Филхармонија, за што сите сте добро запознаени. Во истата таа објава сите едногласно позитивно ја поздравивме одлуката за формирање на Национален џез оркестар. По оваа едногласна размисла на сите вработени во оваа институција, бевме повикани на состанок од страна на министерката за култура, неколкумина музичари од Филхармонија, јас како директорка и двајца претставници на ЗЏМ“, изјави таа.

Според Иванова, на состанокот од министерката за култура, тие добиле ветување дека ќе се смени делот во одлуката за сместување на Националниот џез оркестар во домот на Филхармонијата.

Директорката додаде дека никаде во светот, во објект со планска намена за филхармонија не функционира џез ансамбл.

„Но, функционирање на два национални оркестри со сосема различна програмска и естетска концепција е неспоива состојба на што всушност реагира и целата Филхармонија“, посочи таа.

Владимир Лазаревски, прв обоист и претседал на Синдикатот на Филхармонија се надоврза дека не е возможно два оркестри во зградата да фунционираат како два посебни правни субјекти, додавајќи дека зградата е проектирана и замислена како објект за работа на еден симфониски оркестар.

„Секоја просторија е предвидена и осмислена со цел вработените да можат да ги исполнат своите работни обврски. Реално не е возможно да функционираат две национални устави, два оркестри со годишна програма. ЗЏМ досега реализирале по два три концерти годишно, што е сосема различно од бројот на концерти кои ќе треба да ги реализираат како Национална установа. За да фунционира една институција, па макар таа била во формирање, потребни се и одредени работни места кои ќе ја подржуваат работата на џез оркестарот за кој ќе бидат потребни дополнителни канцеларии“, изјави Лазаревски.

Според Лазаревски, Министерката за култура е  е главниот виновник и одговорна за денешниот проблем.

„Донесе одлука за формирање НУ Џез оркестар без претходна консултација со директор, УО и вработени наметнувајќи „привремени“ решенија кои ќе створат траен проблем. По потпишувањето на петицијата од 108 вработени не удостои со средба во кабиентот. Иако на средбата пројави разбирање за нашата петиција и вети дека на првата владина седница ќе ја промени одлуката за седиштето на Џез оркестарот, не го оствари ова ветување“, нагласи претседалот на Синдикатот на Филхармонијата.

Зорица Каракутовска, претседателката на Управниот одбор на Филхармонија истакна дека е дезинформација дека  ЗЏМ веќе 7 години работи под исти кров во просториите на Филхармонија.

„Фактите се дека Филхармонија се наоѓа и делува во овој објект од 2017, значи не се 7 години, дека ЗЏМ во сите години на постоење досега имала 10 прокти кои ги реализирала во концертната сала и како и за секој надворешен проект им е обезбедено да имаат една или две проби непосредно пред концертот“, истакнува таа.

Ваквиот став на Каракутовска доаѓа од претходната реакција на ЗЏМ за новонастанатата ситуација, во која тие велат дека ЗЏМ во просториите на Филхармонијата работеле 7 години и претходно не наишле на проблем од било каква природа.

„За време на припремите и пробите никогаш не добивме забелешки дека овие активности на било каков начин ја попречуваат работата на Филхармонија. Напротив, пробите се правеа тогаш кога во просториите, поточно во една просторија, немаше други активности од оркестарот и ансамблите на Филхармонија, или не беа користени за друг тип приватни настани“, истакнаа од ЗЏМ.

Дополнително оттаму истакнаа дека неосновано е и тврдењето од страна на музичарите од Филхармонија ќе им бидат узурпирани гримиорните, односно просториите за вежбање.

„Можеме да гарантираме дека ова никогаш не било земено во предвид, ниту пак некогаш ќе се случи Погрешно е и тврдењето дека ќе узурпираме простор во веќе постоечкиот дел на административниот дел на зградата, затоа што тоа е невозможно да се случи и би ја попречило и нашата работа. Одржувањето на пробите во зградата би се реализирало исклучиво во малата или големата сала, во термините кога овие простории се слободни“, велат ЗЏМ во својата реакција.

Дополнително, тие во неа посочуваат дека концертите би се случувале во денови кога Филхармонијата нема програма.

ЗЏМ: Да не се избрзува со предвремени реакции пред конечно да се утврди како ќе функционира Оркестарот за џез