Комисија ја проценува штетата од поплавите, комуналците бараат помош, граѓани пливаат во отпад

И на четвртиот ден од поплавите во Скопје, со кофи и лопати продолжува чистењето на поплавените домови. Многу жители се уште немаат пристап дo својот дом, а другите молат некој да дојде и да го собере ѓубрето. Од општина Гази Баба информираат дека од вчера, владината Комисија за проценка на штета почнала да оди од врата на врата, од ЈП Комунална хигиена, пак, велат дека сета механизација што ја имале веќе е на терен и бараат помош од другите градови и претпријатија.

Комисијата која ќе прави проценка на штетата е поделена на три сектори, при што се евидентира штета врз автомобилите, врз стоката и земјоделските култури, како и колкава е штетата врз недвижниот имот, вели портпаролката на општина Гази Баба Емилија Кипровска. Таа појаснува дека граѓаните во поплавените подрачја не се должни да поднесуваат документи во општината, иако и оваа можност останува отворена.

„Луѓето доаѓаат во Општината бидејќи не веруваат, но ние ги примаме пријавите, иако нема потреба“, вели Кипровска.

Ченто, Сингелиќ, Економија, Стајковци, Арачиново се меѓу најпогодените места од невремето. Досега вкупно 22 лица го изгубија својот живот, а се уште не се знае точната бројка на исчезнати.

Жалбите од граѓаните во овие населени места, постојано пристигнуваат на Фејсбук групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“. Дел од нив велат дека и денес никој не ги посетил, ниту пак им помогнал да го расчистат отпадот кој останал во нивниот двор или пред улица.

Кипровска на ова вели дека целата механизација што ја има Општината е на терен и дека ѓубрето се собира.

„Има населени места кои се многу и помалку погодени. Ако ја пуштиме механизацијата во подрачјата како Стајковци и Сингелиќ, коишто се сто отсто уништени, луѓето во послабо погодените делови треба малку да се стрпат. Ние немаме пумпа за секоја куќа“, реагира портпаролката на Гази Баба.

Селата Стајковци и Сингелиќ се приоритет за службите на ЈП Комунална хигиена. Генералниот директор Ракип Дочи вели дека ситуацијата во овие две села е алармантна.

„Во моментот, целосно сме ангажирани во погодените подрачја, како Сингелиќ, Стајковци, но и другите поплавени подрачја, со 120 луѓе, со пет камиони за товар на гломазен отпад од главната и од споредните улици во Сингелиќ, со четири цистерни со вода за пиење, со три големи кипери и еден голем утоварувач“, вели Дочи.

Сепак, според него останува уште многу работа, па затоа бара помош и од другите градови и јавни претпријатија, кои би се вклучиле во расчистувањето.

„Има улици каде што не сме стигнале, но ние не можеме да летаме. Ние мораме да одиме по ред, како што ние собираме, поминуваме, граѓаните изнесуваат. Сигурно нема да се повлечиме пред да исчистиме сè. Но, овде сите куќи се оштетени, нема куќа што не е оштетена и тоа не е едноставна работа, не може преку ноќ да се заврши. Средствата никогаш не се доволни, тоа што имаме на располагање е ставено во функција. Јас се надевам дека ќе дојде помош, бидејќи ова е вонредна состојба, надвор од предвиденото“, вели Дочи.

Од Град Скопје преку СМС порака упатија дека сите изјави може да се добијат само преку Владата. Оттаму, пак, не одговараа на повиците на Радио МОФ. Истото ни беше кажано и од Центарот за управување со кризи, од каде само кусо информираа дека главните патишта се расчистени, а дека сега се работи на споредните.

Приватни фирми, граѓански иницијативи и невладини организации секојдневно ја искажуваат својата поддршка за настраданите преку нудење на средства за хигиена, чистење и превоз за транспорт на собраните донации. На неколку локации низ градот, како пред Веро центар и Сити мол, веќе функционираат пунктови за собирање на помош. Тие се отворени од утро до вечер, додека главниот пункт за собирање помош на Црвениот крст е кај Момин поток, по што се пренесува во училиштето „Наум Наумовски Борче“.

Во меѓувреме, останува отворена телефонската линија 143 400 кон сите оператори, на која со секој повик се донира сто денари за активностите на Црвениот крст. Отворена е и линијата 195 на Центарот за кризи, каде граѓаните може да се информираат што да преземат при штета.