„Кажи НЕ на говорот на омраза“ – проект во средните училишта во Тетово и Гостивар

Околу 4.000 ученици од прва година од осумте средни училишта во Тетово и Гостивар ќе бидат опфатени со активностите од превентивно – образовниот проект „Кажи НЕ на говорот на омраза“ што започнува денеска, информираше портпаролот на Секторот за внатрешни работи Тетово, Марјан Јосифовски.

Тој истакна дека носители на активностите се Отсекот за превенција во СВР Тетово и мисијата на ОБСЕ во соработка со тетовската и гостиварската локална самоуправа.

„За првите класови од петте тетовски и трите гостиварски средни училишта кои следат настава на македонски, албански и турски јазик ќе бидат организирани посебни предавања што ќе ги одржуваат стручно обучени полициски службеници во функција на подобрување на разбирањето меѓу учениците од различна етничка припадност. По завршувањето на предавањата како планирана содржина на овој проект ќе се објави конкурс за натпревар во сликарство на тема „Живеј во хармонија со другите“ а избраните дела ќе бидат претставени на посебна изложба“, рече Јосифовски.

Тој посочи дека целта на активностите од превентивно – образовниот проект е подигнување на свеста кај младите за важноста на толеранцијата и почитувањето во етнички мешани заедници.

Извор: МИА