ЈСП: Нередовните патници може да ги надополнат картичките од 100 до 6000 денари без рок на искористување

Од почетокот на 2017 година граѓаните на Скопје можат да го користат јавниот превоз исклучиво користејќи електронски картички, кои важат за државните и приватните автобуси. Но, и покрај неколкуте објаснувања од Јавното сообраќајно претпријатие, кај луѓето се уште има забуни и не се чувствуваат доволно запознаени со промените.

Од ЈСП претходно информираа дека граѓаните ќе можат да ги надополнуваат картичките од шалтерите на 54 локации низ градот, додека на Бит Пазар, Транспортен центар и Рекорд (од утре) се поставени и автомати преку кои тие директно можат самите да си ги надополнат.

Според портпаролот на ЈСП, Костадин Тасевски, важно е граѓаните да знаат дека возачите не прават надополнување на картичките.

Сепак, најголем дел од реакциите и шпекулациите беа поврзани околу цените на билетот. Од ЈСП појаснуваат дека цената на дневниот и ноќниот билет останува иста, односно 35 и 40 денари.

Но, разликата е во тоа што, бидејќи еднократниот билет повеќе нема да се продава, на граѓаните им останува да го користат билетот за десет возења во рок од две недели, да користат месечна претплата, или пак, во случај да не се активни корисници на јавниот превоз, да надополнуваат од 100 до 6000 денари во „електронскиот паричник“ и да го користат превозот се додека имаат пари во картичката. При тоа, граѓаните не смеат да заборават кога надополнуваат дека ноќниот билет е поскап за пет денари од дневниот.

Ако граѓаните сакаат да знаат уште колку пари им останале на картичката тоа може да го увидат при нејзиното валидирање на апаратот вграден во автобусот.

Но, на прашањето колку овие новини се од помош за туристите и граѓаните кои не го користат редовно јавниот превоз, од ЈСП велат:

„Ваквиот систем на електронска наплата, односно исклучиво користењето на електронски картички при користењето на јавниот превоз е искуство од поголемиот дел на европските метрополи. Пред се го олеснува и забрзува јавниот превоз и ја зголемува безбедносната состојба на корисниците од џепџиите, со тоа што во себе не носат кеш пари, но пред се безбедноста во сообраќајот“.

Од Претпријатието тврдат дека со картичките не може да се случат технички грешки и дека апаратите се програмирани да не ја валидираат истата картичка двапати. Со тоа се спречува две лица да се возат со една картичка во исто возило.