[Интервју] Роберт Јанкулоски: Една по една, прегледав илјадници стаклени плочи на браќата Манаки

„Една фотографија за мене и за историјата“ – е мотото на Милтон Манаки, коe со неговиот брат Јанаки ќе ги води низ долгогодишната работа како првите филмски сниматели на Балканот. Преку своите филмови и фотографии го прикажувале секојдневието за време на војни, селидби, но и прослави и посети на воени делегации во Македонија и соседните држави. Од нивниот опус останале околу 11 000 фотографии и речиси 7000 стаклени плочи кои се зачувани во Архивот во Битола.

Фотографот Роберт Јанкулоски посвети 6 години во истражување и дигитализација на творештвото на браќата Манаки. Илјадниците фотографии од камерите на ова уметничко дуо ги спои во филмот „Манаки – приказна во слики“, со кој заврши 40. издание на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

„Имам чуство дека овој филм го работев за себе“, вели тој. „Се чувствувам како да изложувам свои фотографии“, надополни фотографот.

Процесот бил напорен, но е уникатен бидејќи досега не е направена толку обемна презентација на творештвото на браќата Манаки.

„Јас знам да ги читам тие негативи, тие стаклени плочи кога ќе ги видите сè е наопаку, како рендген сними. Неколку пати досега ги имам прегледано буквално една по една сите тие 6-7 илјади стаклени плочи во Архивот на Битола“, раскажува Јанкулоски.

Приказ на стаклена плоча

„Кога го работев филмот, година и нешто мојата опрема за скенирање, за осветлување, беше оставена во Архивот. Јас постојано, неколку денови од неделата доаѓав. Како секојдневна работа е тоа, доаѓате од 8 до 4. Седнувате во депото на Архивот и пребарувате по плочите“, се потсетува тој.

Браќата Манаки биле свесни што значи фотографијата и колку таа може да биде моќна. Тие се слават за првите сниматели на Балканот, но иако имаат совршени документарни филмови од почетокот на 20 век, тие во суштина биле аматери, вели Јанкулоски. Првично заработувале од фотографијата, а потоа и од кинопроекциите во нивното кино во Битола.

Сочувани се околу 7000 стаклени плочи, но нивното творештво е многу поголемо, смета Јанкулоски.

„Јас имам видено и купено фотографии кои позади имаат печат дека се на браќата Манаки, но тие стаклени плочи не се сочувани во архива бидејќи од 1898 до денес многу промени имало, две-три војни, селидби… Па, доста од тие стаклени плочи, или негативи и оригинални фотографии од нивната архива се изгубени“, појасни тој.

Како што вели Јанкулоски, браќата Манаки се чувствувале како вистински визуелни хроничари на Балканот.

Според запишаните сведоштва на нивниот чирак Трифун Карабатак, Милтон бил „чуден човек“, ги фотографирал сите случувања и секој што ќе дојде и замине од железничката станица во Битола, без да му биде важно дали некој ќе му плати за тоа или не.

Современи услови за чување филмски материјал има само Кинотека

Осумдесет проценти од филмот е направен со фотографиите на Манакиеви. Дел од нив за првпат се претставени во јавноста. Според Јанкулоски, плочите фаќаат прашина во Архивот бидејќи нема доволно заинтересирани луѓе кои ќе ги обработуваат тие материјали.

„Вие не може само да ги одржувате ако лично не сакате нешто креативно да направите од тие материјали, за себе и за историјата – колку и да се трудат луѓето што работат во Архивите“, посочи тој.

Јанкулоски ја истражува македонската фотографија од 95-тата година, а во 2000 година го формира Македонскиот центар за фотографија во Скопје. Првата изложба за творештвото на браќата Манаки беше токму на фестивалот во Битола во 2001 година. Претходно ги посетил архивите на Академијата на науки во Букурешт, Архивата во Пловдив и низ Грција.

Според Јанкулоски, современи услови за чување на ваквите филмски материјали во државата има само Кинотеката во Скопје, каде во 2009 година се отворени нови депоа, додека низ останатите музеи и институции, условите не се толку развиени.

„Ако зборуваме за нашите архиви во Македонија, сите тие материјали, пред сè фотографски, се чуваат во не толку светски стандарди. Еве за битолскиот конкретно, вработените многу професионално ги чуваат, иако ги нема светските услови како климатизација, одредена влажност, температура… Во лето е многу потопло, во зима е многу поладно тука“, објаснува Јанкулоски.

Сепак, фотографските материјали на Манакиеви се во добра состојба, уверува тој.

Чии се браќата Манаки?

Грците ги сметале за свои затоа потекнуваат од селото Авдела кое денес е дел од Грција. Албанците, пак, ги сметаат за свои бидејќи го снимиле Албанскиот конгрес, а Србите бидејќи биле дворски фотографи на кралот Александар Први Караѓоргевиќ. Но, тие се дел и од бугарската култура зашто имале направено фотографии за време на бугарската окупација во Битола, а Јанаки создал и многу фотографии додека бил протеран три години во Пловдив.

Браќата се дел и од романската култура иако не биле Романци. Првата титула дворски фотографи ја добиле токму од романскит крал Карол 1 и имале големата изложба во Букурешт 1906.

Манакиеви припаѓаат и на турската култура и историја бидејќи биле родени и твореле за време на Отоманската империја. Тоа е најзначајниот период за нивното творештво, кога ги фотографирале настаните поврзани со Младотурската револуција, а во 1911 го снимиле и доаѓањето на султанот Решад во Битола од кого биле прогласени за дворски фотографи.

Автопортрет на Јанаки Манаки

Повеќегодишното истражување на нивното творештво, Јанкулоски вели дека го направил со цел да се докаже вистината. Не само за тоа кои се, што се, туку и што направиле. Тој вели дека кружат митови и се испреплетени неточни приказни околу браќата Манаки.

„Јас сè она што покажав во филмот, можам да го поткрепам со оригинални документии. Било да се тоа пишани документи со печат и нивен ракопис, фотографии и написи во тогашните весници. Но, како и други великани во историјата, тие припаѓаат на сите“, вели тој.

„Еден мој пријател ми вели – ти си ја промашил темата, ова не е филм за Манаки, туку за Битола“, се пошегува Јанкулоски.

Ниеден медиум не згаснува со појава на друг

За 100 години од сега, фотографиите што се прават денес ќе ја обликуваат историјата. Јанкулоски вели дека голема среќа имаме што Манакиеви самите се потрудиле да ги сочуваат нивните фотографски и филмски дела. Во филмот, Милтон раскажува дека кога дошле Србите тој ги закопал филмовите, ги сочувал за еден ден да излезат на виделина.

„Имавме среќа што тие се први сниматели на Балканот и целата јавност е заинтересирана за нивната снимателска работа. Ако не било тоа, ние од браќата Манаки ќе имавме 10, 20, 50 или 100 фотографии како што имаме од Лазар Кермеле, Анастас Лозанчев и од други фотографи кои работеле пред браќата Манаки во Битола. Нивното фотографско наследство не е сочувано. Ние што работиме истражување едвај мака мачиме да купиме, една, две, пет фотографии по фамилии, отпади, антикварници од овие фотографи“, забележа Јанкулоски.

Според него, ниеден медиум не згаснува со појавата на друг.

„Уште со појавата на фотографијата, сликарот Пол Деларош изјавил дека сликарството е мртво, но тоа остана до денес. Така и со филмот, фотографијата остана. Филмот е понаративен, а фотографијата е многу визуелен медиум. Со една слика треба сè да раскажете“, вели Јанкулоски.

Браќата Милтон (лево) и Јанаки Манаки

„Денес ситуацијата е таква што сè знаеме, сè имаме и ништо немаме. Денес сè се фотографира и сè се снима, но не се снима со таква посветеност како што го правеле во тоа време. Сè што се правело во тоа време е еден друг пристап во работата“, смета тој.

Јанкулоски посакува граѓаните да видат колку сериозни мајстори биле браќата Манаки.

„Тие да живееле во Германија или Франција сега ќе беа познати на светско ниво, ќе работеле и на светски проекти. Ако некоја држава или фондација ги финансирала ќе направеле уште подобри дела. Тоа што го правеле, го правеле со минимални средства, но со многу голема љубoв кон фотографијата. И сакав тоа да го прикажам – вистинските браќа Манаки“, рече тој.

Емилија Петреска