Обновено: Грчката граница попладнево се отвори за туристите, возила чекаа од рано изутрина

Од 13 часот почнаа да се пропуштаат возила кон Грција, на граничниот премин „Евзони”, соопштија од Минситерството за внатрешни работи, откако од рано изутрина колони возила чекаа за влез во земјата.

„Денеска од страна на грчките гранични служби добивме известување дека од 13 часот дозволен е влез во Република Грција на граѓаните од ЕУ, трети земји и граѓани од Република Северна Македонија преку ГП „Евзони“. Според протоколот за влез, граѓаните од ЕУ, од трети земји и од Репубика Северна Македонија ќе може да оставарат влез во Република Грција преку „Евзони“ со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или Сертификат за примени две дози вакцини (14 денови поминати од втората доза вакцина), при што ќе бидат признаени сите сертификати за извршена вакцинација, додека за деца до 5 години не е потребен ПЦР тест. Исто така, останува обврската за електронска пријава на следниот сајт (ден пред патување) за обезбедување на ПЛФ (Passenger Locator form) документ – велат од МВР. Оваа мерка ќе се применува до 24 мај (понеделник), при што граѓаните ќе може да остварат влез во периодот од 7 до 23 часот (по грчко време), или од 6 до 22 часот (по наше време), а за излез од Грција нема ограничувања и ГП Евзони ќе работи 24 часа“, стои во известувањето од МВР.

Инаку поголем број возила денеска заглавија на граничниот премин Евзони, по најавите дека од денеска овој премин ќе биде отворен за туристи од сите земји. Според македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, до застојот дошло бидејќи сè уште немало формална одлука на грчката влада за отворање на границите.

„Ние сме во очекување да се формализира намерата на Грција за отворање на границите за граѓаните да можат да минуваат“, рече Османи, кој апелираше граѓаните да се информираат преку официјалните соопштенија на надлежните служби.

Вчера македонскиот премиер Зоран Заев, непосредно по средбата со својот грчки колега Киријакос Мицотакис, објави дека од денеска за македонските граѓани ќе биде отворен граничниот премин Евзони.

„Имавме одлична работна средба со премиерот на Грција Мицотакис. Ме извести дека почнувајќи од утре, 14 мај 2021, се отвора граничниот премин Евзони за сите граѓани на Северна Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против КОВИД-19 или позитивен резултат за антитела“, објави вчера македонскиот премиер.

Инаку во Грција се укинаа поголем дел од рестрикциите воведени уште на 7 ноември. Полицискиот час ќе почнува половина час по полноќ, додека пак до крајот на месецов угостителските објекти ќе работат без музика. Влезот во Грција за македонски граѓани, како и за сите државјани од т.н. трети земји, беше забранет уште од март минатата година, кога на европско тло почна да се шири новиот коронавирус.