Ковид-правилата за влез во Грција важат до 1 мај, потоа привремено се укинува сертификат и тест

Актуелните правила и предуслови за патување во Грција се продолжени до 1 мај. Тоа значи дека и понатаму е задолжителен сертификат за вакцинација или за прележан ковид-19 или негативен резултат од ПЦР/рапид тест.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на КОВИД-19“, веќе е објавена во Службен весник на Грција, и стапи во сила утрово, а важи до 1 мај 2022 година.

Во однос на документот поврзан со КОВИД-19, правилата остануваат непроменети, односно сертификатот за вакцинација е со важност до девет месеци по втората доза, потврдата за прележана болест трае 180 дена, а доколку се патува со негативен тест, треба да биде направен 72 или 24 часа претходно, во зависност од тоа дали е ПЦР или рапид.

Влез во земјата е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 37 земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив е и Македонија.

Патниците ќе треба да поседуваат европски дигитален сертификат за КОВИД-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен резултат по направен ПЦР или рапид тест. За вакцинираните, сертификатот е валиден доколку се поминати 14 дена од втората примена доза и не повеќе од девет месеци по вакцинацијата, а за лицата кои примиле бустер доза не постојат ограничувања.

Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Сите посетители на Грција, независно од државјанството и начинот на влез во земјата, може да бидат подложени на случајни тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам.

Непроменети се и мерките што важат во внатрешноста на Грција, маската и понатаму е задолжителна за сите затворени простори, а за влез во сите објекти, потребен е документ за КОВИД-19 кој се скенира со специјална апликација. Исклучок се маркетите, аптеките, продавниците за храна и бензинските пумпи.

Овие мерки ќе се променат од 1 мај, кога привремено, до 31 август се укинуваат сертификатот за вакцинација или прележан КОВИД-19, како и задолжителниот тест за невакцинираните што важат за влез во сите простори во внатрешноста на Грција, додека пак за правилата за патување во земјата, дополнително ќе се донесе одлука.