МЗ: Граѓаните вакцинирани во странство да се пријават на сајтот за ревакцинација

Министерството за здравство ја информира јавноста дека од денеска заклучно со 6 јуни 2021 година во функција е веб страницата https://vakcinacija.mk/revaccination која е за регистрација само на оние граѓани кои се вакцинирале во странство и сакаат да се ревакцинираат во Северна Македонија.

Од Министерствити порачуваат дека страната ќе биде отворена една недела, по што ќе биде затворена за регистрација. Додаваат дека преку регистрацијата на граѓаните ќе може да добијат детален увид за колкава бројка луѓе станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат.

„На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини кои ќе ни бидат потребни. Најголем предизвик за ревакцинација на овие граѓани е фактот што дозите не можевме досега да ги планираме и не знаеме со што ќе располагаме во моментот кога тие треба да се ревакцинираат. Со вакцината на Астра Зенека во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години. За сите останати граѓани после регистрација на сајтот Министерството за здравство ќе направи обид да се обезбедат доволни количини вакцини по што ќе информираме прецизно во јавноста. Согласно информациите со кои располагаме, најголем дел од граѓаните вакцинирани во странство, пред сè Србија треба да бидат ревакцинирани околу 19 јуни“, соопштија од Министерството за здравство.

На сајтот за ревакцинација стојат напомени дека доколку има можност да се спроведе ревакцинацинацијата граѓаните ќе бидат известени по СМС и е-маил за точен термин.

Доколку ревакцинацијата не може да се спроведе во Северна Македонија и доколку граѓаните не бидат известени за термин, тогаш од Министерството велат дека треба да се почитуваат термините за ревакцинација според календарот кој граѓаните го имаат добиено од државата каде е извршена вакцинацијата.