ЕУ воведе нови санкции за Белорусија поради граничната криза со мигранти

Европската Унија се сложи да воведе нови санкции против Белорусија насочени кон сите кои го овозможуваат транспортот на луѓе до границата меѓу Белорусија и Полска, каде илјадници мигранти се сместени во импровизирани кампови на многу ниски температури.

ЕУ го обвинува режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко за водење хибридна војна против Унијата со тоа што на мигрантите, кои се очајни да стигнат до западните европски држави, им се дозволува пристап до Минск по што се транспортираат до полската граница.

„Одлуката на 27-те министри за надворешни работи на ЕУ е одраз на одлучноста на Унијата да се спротивстави на инструментализацијата на мигрантите за политички цели“, вели шефот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел.

Целосната листа на луѓе и компании кои ќе бидат предмет на санкциите треба да биде финализирана во следните недели. Според Борел таа ќе вклучува „луѓе, авионски компании, туристички агенции и сите останати вмешани во нелегалното притискање на мигрантите на нашите граници“.

Оваа одлука доаѓа откако веќе втора недела голем број луѓе се наоѓаат на полската граница во надеж дека ќе преминат во ЕУ. На видео снимки можат да се видат луѓе кои доаѓаат од шумата, каде се сместени во кампови, и доаѓаат на граничниот премин. Групата е следена од белоруска полиција.

ЕУ веќе воведе четири блока санкции врз белоруските власти и високи функционери на државата поради оспорените минатогодишни претседателски избори и бруталното пресметување со мирните демонстранти кое следеше по гласањето.