Грантови за градинки и училишта за заеднички активности на ученици во проектот „Градиме мостови“

Минитерството за образование и наука информира дека и во 2019 година сите градинки, основни и средни училишта ќе имаат можност да аплицираат за грантови од „Фондот Градиме Мостови“ – “Building Bridges Fund” преку интернет страницата на Министерството.

„Фондот продолжува со лесниот пристап за грантови за општините, учениците, наставниците, родителите, училиштата и градинките кои сакаат да организираат заеднички активности вклучувајќи ученици од си1те свои заедници кои следат настава на различни наставни јазици со цел да ја зголеми интеракцијата, разбирањето и интеграцијата во училишната и предучилишната средина. Од воспоставувањето во 2014 година, Фондот овозможи заеднички активности кои ги вклучуваат заедниците во повеќе од 142 училишта низ целата земја и се надеваме на уште повеќе поврзувања и во 2019 година. До сега до фондот се доставени 437 апликации, од кои подржани се 68, опфаќајќи безмалку 30.000 ученици“, информираат од МОН.

Фондот „Градиме Мостови“ е заеднички проект отпочнат од Министерството за образование и наука, Владата на Швајцарија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кој понатаму беше поддржан и од Владите на Ирска и Австрија. Сега, активни поддржувачи на Фондот се Амбасадата на Кралството Холандија, како и Владите на Соединетите Амеркански Држави, Италија и Словачка, покрај Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Од 2018 година во работата на Фондот се вклучи и Министерството за труд и социјална политика.

„На новите генерации им се потребни меѓусебни мостови кои ќе им овозможат пристап до богатството и благодатите на различноста, особено во училиштата и градинките, кои би требало да ги подготват за заедничка иднина во Европа со сета нејзина културна различност“, додаваат од МОН.

Фондот Градиме Мостови се надева скромно да придонесе кон отворање на можности за градење мостови кои заедниците, училиштата, градинките и децата ги заслужуваат. Сите апликанти кои биле одбиени или финансирани имаат прилика повторно да аплицираат. Подетални информации, како и формуларот за аплицирање се достапни за преземање од интернет страницата на МОН.

Крајните рокови за аплицирање се 1 март, 1 мај и 1 октомври 2019.