Град Скопје субвенционира замена на азбестните покриви со енергетско ефикасни за социјално загрозени граѓани

Градот Скопје го објави јавниот повик за доделување поединечна субвенција на социјално загрозени категории граѓани, жители на градот Скопје, за замена на азбестните покриви со енергетско ефикасни за 2023 година.

Средствата што Град Скопје ги субвенционира се во висина од најмногу 50% од вредноста на инвестицијата.

Право на учество имаат социјално загрозени категории на граѓани, жители на градот Скопје, кои ги исполнуваат условите од повикот и ја доставиле потребната документација.

„За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на Јавниот повик се исполнети, барателот е должен да поднесе пополнето барање, доказ дека припаѓа на една од социјално загрозените категории, нотарски заверена изјава, имотен лист, фотографија од постоечкиот азбестен покрив, договор со изведувач за замена на покривот, како и копија од трансакциска сметка“, стои во повикот.

Јавниот повик со сите услови и критериуми за аплицирање за субвенцијата, како и сите потребни документи кои треба да се достават со пријавата се достапни на линкот – https://skopje.gov.mk/media/9809/javen-povik-zamena-azbestni-krovovi-2023.pdf

„Потребната документација, барателите ја поднесуваат до Комисијата преку Архивата  на Град Скопје (барака 16) во затворен плик со назнака: До Сектор за заштита на животната средина– Комисија  за доделување на субвенции за замена на азбестните покриви, секој работен ден од понеделник до петок, во период од 08:30 – 15:00 часот“, велат од Град Скопје.

Јавниот повик ќе трае од денот на објавување до 31 август 2023 година, или до исцрпување на средства предвидени за таа намена.