Започнува изградбата на нов парк во Чаир  

Град Скопје информира дека во соработка со општина Чаир започнува изградба на нов т.н. мега-парк, кој ќе се протега на просторот на улицата „Македонско Косовска Бригада“ од крстосницата со „Втора Македонска бригада“ до крстосницата со „Џон Кенеди“.

„Во градот Скопје повеќе нема заборавени населби. Секој граѓанин има право на модерен град, уредена населба и еднакви можности“, велат од Град Скопје.

Од таму потенцираат дека мега-паркот ќе се простира на површина од 30.000 метри квадратни, а ќе има 500 нови дрвја и садници, нова хидрантска мрежа и тревник.

„Воедно во паркот се предвидени 2 нови спортски игралишта, нови 2 детски игралишта, 2 паркови површини за миленици, еден фитнес дел, 26 нови летниковци, нови урбана опрема, пешачки патеки и фонтани. Програмата ‘За Модерно Скопје’ ја реализираме во целост, и никогаш нема да отстапиме од она што сме го ветиле пред граѓаните, кои заслужуваат нови зелени и паркови површини“, посочуваат од Град Скопје.

Во соопштението на Град Скопје нема датум кога би бил завршен паркот, ниту колку чини.