Гордана Силјановска Давкова е официјално прва претседателка на Македонија – ДИК ги објави конечните резултати

Со објавувањето на конечноста на резултатите од вториот круг на претседателските избори кој се одржа на 8 мај, Државната изборна комисија (ДИК) денес соопшти дека Гордана Силјановска Давкова е избрана за претседателка на државата.

Според конечните резултати од вкупниот број на избирачи кои гласале, 861.218, Силјановска Давкова освоила 561.000 или 65,14%, а нејзиниот противкандидат и досегашен претседател, Стево Пендаровски освоил 251.899 или 29,25% од гласовите.

Според најавите, инаугурацијата на Силјановска Давковка во Собранието ќе се одржи утре напладне. Како што најави претседателот на ДИК, Александар Даштевски, Уверението за избор за претседател на државата и за претстојната инаугурација на Силјановска Давкова ќе ѝ биде доделено во 10 часот. Таа пред претходниот парламентарен состав треба да даде свечена изјава по што официјално ќе ја преземе функцијата и ќе започне нејзиниот пет годишен мандат.

Со ова, професорката Силјановска Давкова ќе стане шестиот претседател на државата од независноста до денес, а воедно и првата претседателка на Македонија.

ДИК на прес-конференцијата информираше дека за Претседателските избори не добиле приговори, додека пак за Парламентарните избори пристигнале 27 приговори. Девет од Коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Приговорите се групни и опфаќаат повеќе избирачки места.