Град Скопје денеска објави повик за субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во градот Скопје.
Оттаму велат дека преку Програмата за финансирање на проекти за развој на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2022 година во Буџетот се предвидени средства во висина од 500.000 денари, а паричната субвенција изнесува 10.000 денари по апликант.
„Право на учество на јавниот повик имаат: Занаетчии кои не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од Град Скопје во тековната година; и Занаетчиите кои се регистрирани согласно Законот за занаетчиство и обавуваат занаетчиски дејности во изумирање, кои согласно обработените податоци бележат намалување на активноста во континуитет, и тоа следните занаети јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, венци, сита, саатчија, ракотворби-корпар, ракотворби-изработка на сувенири, домашна ракотворба, изработка на филигран, накит и слични производи, производство на музички инструменти и самарџија“, соопштија од Град Скопје.
За потребните документи за пријавување, како и за субвенционирањето на трошоците, од Град Скопје посочија дека повеќе детали се објавени во јавниот повик како и на следниов ЛИНК, а иннформации може да се добијат и во Одделението за поддршка на развој на занаетчиство и трговија на броевите (02)3297-372 и 3297-328 и на мејл адресата Biljana.Stojmanovska@skopje.gov.mk.
„Барањето за субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање до Град Скопје со комплетна документација треба да се достави во затворен плик на адреса: Град Скопје, Сектор за локален економски развој, бул. “Илинден“ бр.82, 1000 Скопје (со назнака – Пријава за јавен повик за субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во градот Скопје), најдоцна до 10.12.2022 година“, додаваат од Град Скопје.
Потребната документација целосно пополнета се доставува во оригинал или копии заверени на нотар, велат од Град Скопје и додаваат дека ненавремена и нецелосна документација нема да биде предмет на разгледување од комисијата.
Од Град Скопје посочуваат дека исплатата на одобрените средства ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања по принципот „Прв дојден прв услужен“, и додаваат дека доколку бидат исцрпени предвидените финансиски средства, градот ќе го објави завршувањето на Јавниот повик преку својата веб-страна.