Герила акции, блокади и бојкот на избори до целосно решавање на проблемот со рудникот, најави Здрава котлина

Бојкот на изборите, спремање групна жалба и герила акции, како и блокади, се дел од активностите кои здружението „Здрава котлина“ ги најави по вчерашното заедничко собрание со уште неколку локални еко-организации и граѓани.

За идниот период тие најавија дека ќе објавуваат документи од свиркачи, ќе поднесат кривични пријави, но и дека ќе покренат иницијатива меѓународна истрага во соработка со еколошки и медиумски меѓународни организации за истражување на висока корупција поврзана со потенцијалниот рудник Иловица-Штука.

Покрај ова, на заедничкото собрание се решило да се разгледуваат и опциите за повикување на граѓанска непослушност, организирање протести во околината на рудникот и во Скопје и блокади.

„Посебен заклучок е донесен да се бојкотираат изборите, во било каква форма, се до целосното решавање на проблемот со рудникот. Во таа насока активно ќе се вклучиме против сите предизборни кампањи на политичките партии, на терен и во медиумите, но и изразување на отворено незадоволство при посети или митинзи. Не се пожелни и добредојдени политички партии во Струмица и Струмичко, кои се дел од корумпираниот систем и не се во состојба ефективно да одговорат на граѓаните во југоисточна Македонија за критични проблеми од највисоко значење поврзани со животите, здравјето, екологијата и долгорочниот интерес на заедницата“, известуваат од „Здрава котлина“, порачувајќи дека рудник нема да има по ниту една цена.

Реакцијата доаѓа откако Судечкиот совет на Управниот суд на 31 март донел пресуда за уважување на тужбата на компанијата „Еуромакс“ која сака да гради рудник во селото Иловица. Ваквиот тек на настаните доаѓа откако компанијата во октомври минатата година поднесе тужба до Управниот суд против решението донесено од Второстепената државна комисија, која ја одби жалбата на „Еуромакс“.

Прочитајте повеќе на линкот во продолжение:

Управниот суд пресуди во полза на „Еуромакс“ за рудникот Иловица