Кинотечниот „Златен објектив“ за 2024 му се доделува на режисерот Столе Попов

Признанието „Златен објктив“ кое го доделува Кинотеката на Северна Македонија оваа година оди кај Столе Стојан Попов, режисер, сценарист, продуцент и автор.

Свеченото доделување на „Златниот објектив“ на нашиот голем доајен на филмската уметност – Столе Попов – ќе се одржи кон крајот на мај оваа година, во просториите на Кинотеката на Македонија.

Исто така, по повод Денот на Кинотеката – на 29. април, сите кинотечни печатени и електронски изданија на Кинотеката досега: значајниот број издадени книги од областите на кинотечната и филмска наука, историја и уметност, сите изданија на кинотечното списание КИНОПИС и сите ДВД-изданија на Кинотеката – ќе се продаваат со „роденденски“ попуст од 50%, во просториите на Кинотеката.

Законот за формирање на Кинотеката во Службен весник е објавен на 29 април во 1974 година. Кинотеката со полн капацитет и со полна организациска структура дури две години потоа, во 1976 година, кога ги добива своите први канцеларии и депо и започнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции – сепак го одбележува како свој роденден 29 април секоја година.

Последниве две децении, по тој повод и околу тој датум – Кинотеката го објавува годишните добитници на „Златен објектив“, што го доделува на филмски автори и работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Досегашни добитници на ова признание, досега биле: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – Оган (1974) и Австралија, Австралија (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет.

Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонската, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – „Црвениот коњ“, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови „Среќна нова 49“ (1986), „Тетовриање“ (1991), „Џипски меџик“ (1997) и „До Балчак“ (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.

Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА 49 – се здобиваат и со култуен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето.