Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2021 година

Македон Димитровски, Алексиј Тасиќ, Нина Костовска, Наталија Теодосиева, Андреј Ристески, Гордана Георгиева, Виктор Стојкоски и Иван Антоновски се добитници на признанието „Успешни млади“ за 2021 година кое го додели претседателот Стево Пендаровски.

Признанието се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава.

„Овие успешни млади луѓе се позитивен пример за нивните врсници, но и за генерациите што допрва доаѓаат. Нивниот пат до успехот не е ни малку лесен, бидејќи бара време и посветеност во континуитет. И затоа од државата мора да биде соодветно награден и вреднуван. Имено, токму тоа е главната цел на признанието „Успешни млади“ – да ја поттикне научната, истражувачката и креативната работа на младите“, рече претседателот Пендаровски.

„Но, со ова признание сакаме да постигнеме уште нешто, не помалку вредно – а, тоа е да го намалиме иселувањето на младите, образовани луѓе“, рече претседателот Пендаровски, повикувајќи државата да им овозможи на сите млади таленти еднакви можности да напредуваат, и да ги препознава и наградува најуспешните меѓу нив.

Во категоријата „Најдобар млад научник во општествени науки“ носител на признанието е д-р Виктор Стојкоски, додека за Најдобар млад научник во хуманистичките науки e избран м-р Иван Антоновски.

За најдобар млад научник во природно-математички и технички науки е избран д-р Андреј Ристески, а за Најдобра млада научничка во медицински науки е избрана д-р Гордана Георгиева.

Во категоријата „Млад талент“ носители на признанието се Македон Димитровски, ученик во трето одделение во основното училиште „Лирија“ од Тетово и средношколецот Алексиј Тасиќ.

Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата доби Нина Костовска, додека за најдобра млада уметничка е избрана Наталија Теодосиева.

Признанието „Успешни млади“ се доделува по трет пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.