Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2020 година

Претседателот Стево Пендаровски, денеска го додели признанието „Успешни млади“ на шест млади лица во рамки на проектот инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од земјава, информираат од кабинетот на Претседателот.

Во категоријата најдобар млад научник во природно-математички и технички науки, добитник е Петре Ламески. За афирмација на инклузијата на млади со попреченост, комисијата донела одлука признанието да го додели на двајца кандидати, Андон Дамовски и Марија Савеска. Во категоријата најдобар млад уметник, добитници се Сашо Димоски и Билјана Камчева. Добитник на признанието Млад талент кое се доделува на ученици и ученички од средните училишта е Матеј Милосиевски.

„Пристигнатите трудови и нивниот квалитет потврдуваат дека младите кај нас навистина поседуваат исклучителни таленти. Верувам дека за добитниците, признанието ќе претставува своевидна валоризација на нивниот труд и поттик да продолжат напорно да работат и да се развиваат во своите области. Исто така, се надевам и на иницирање на соработка помеѓу апликантите и добитниците на признанија и од иста и од различните категории, при што, ќе се разменуваат идеи и иницираат мултидисциплинарни истражувања и проекти“, рече Пендаровски.

Дополнително, тој истакна дека за успешните млади секогаш мора да бидат отворени образовните, научните и културно-уметничките институции, стопанските субјекти и креативните индустрии.

„Да се трудиме секој во својот домен и во рамките на ингеренциите и на можностите да работиме на создавање перспективи за младите и успешни поединци да останат и да ја градат својата кариера во Република Северна Македонија. Јас и моите соработници стоиме на располагање преку проекти и иницијативи да придонесеме за поддршка на успешните млади“, додаде Пендаровски.

Инаку целта на проектот е креирање на политики кои ќе придонесат да се намали одливот на млади луѓе, како и за создавање на перспективи за младите и успешни кадри.

Признанието „Успешни млади“ се доделува по втор пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.