Филтри или клуч за Југохром?

Решение за загадувањето на воздухот во Тетово оваа зима е или фабриката Југохром да постави филтри или да биде затворена, изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која најави дека вакво барање ќе достави до Владата.

„Ќе побараме Југохром да не работи до март 2017 година, ако не постави филтри. Така граѓаните ќе се заштитат од аерозагадувањето. Но, ќе бараме да се запази социјалната димензија, односно граѓаните кои работат во овој комбинат да имаат месечни примања додека комбинатот не работи и тие примања да ги обезбеди Владата“, рече таа.

Крајниот рок, според законот, за поставување филтри на Југохром е 31 октомври, по што Владата ќе одлучува дали рокот ќе се продолжи, или фабриката ќе престане со работа. Од Министерството за животна средина велат дека е можно и од нивна страна да биде побарано прекин на работата.

„Неспорно дека градоначалничката Арифи има право да побара затварањена Југохром или крајно поставување филтри. Последните информации кои ги имаме од фабриката е дека ќе им бидат потребни уште околу шест месеци за поставување на филтрите. Можно е Министерот да предложи до Владата затворање на фабриката, но конкретен став за тоа ќе можеме да соопштиме по неколку дена“, вели Сашо Секуловски, портпарол на Министерството.

zelen-bilbord-foto-eko-svest

Фото: Фејсбук страница на Еко-свест

 

Сепак, покрај индустрискиот загадувач посочен од градоначалничката, во Тетово остануваат нерешени и другите причинители на загадувањето. Помалите индустриски загадувачи продолжуваат со работа, „дивата депонија“ на влезот од градот продолжува да се таложи, нема решение на сообраќајниот хаос, ниту за градежните зафати на штета на слободните простори и зеленилото.

Секуловски информира дека и оваа зима ќе останат предлог мерките од Министерството за намалување на аерозагадувањето, кои во најголем дел се однесуваат на надлежности на локалната самоуправа.

„Најголем дел од големите компании, кои спаѓаат под А интегрирани дозволи, веќе ги имаат исполнето своите услови. Меѓутоа локалните самоуправи, исто така, треба да извршат инспекциски надзор и да видат колку Б интегрирани дозволи имаат издадено и до каде е со нивните постапки. Во препораките има еден куп мерки кои локалните самоуправи треба да ги спроведат, кои се основните начела за намалување на загадувањето“, вели тој.

Загадувањето во Тетово последниов месец просечно беше над максимално дозволената граница од 50 ПМ-10 честички, додека на неколку пати достигаше и десет пати поголема вредност. Градот продолжува да биде во врвот на листата на најзагадените градови во светот според глобалната база на податоци Нумбео. Во моментов на третото место, зад Кабул и Акра.   tetovo-numbeo

 

Токму поради овие причини, на вчерашната пресконференција беше најавен проектот CityTree (Градско дрво), билборд од мовови кој ќе биде поставен во центарот на градот и кој треба да ги впива штетните честички кои придонесуваат за аерозагадувањето.

Според еколошкото здружение Еко-свест, кои го спроведуваат овој проект во соработка со Германската амбасада, Општина Тетово и Град Скопје, поддржани од повеќе приватни компании, CityTree има ист ефект како 275 дрва и го компензира загадувањето од 417 автомобили годишно.

„Во Македонија загадувањето на воздухот е значително во последните неколку години. Проектот CityTree ќе помогне во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје и во Тетово, со можност да се реплицира и во други градови. Воедно, ќе служи и за да се подигне свеста и да се започнат дискусиите за политики и практики за ублажување на проблемите со загадувањето на воздухот“, соопштија од Еко-свест.

Тетовските еколошки активисти пред само десетина дена организираа протестен концерт во центарот на „дивата депонија“, револтирани од тоа што решавањето на еколошките проблеми од страна на локалните власти останува само на ветувања.