Европската Унија воведе санкции за поединци и субјекти на шест земји заради насилство врз жени

Европската Унија воведе санкции против девет лица и три субјекти одговорни за сексуално насилство и кршење на правата на жените во шест земји – Авганистан, Русија, Јужен Судан, Мјанмар, Иран и Сирија, соопштија денеска дипломатски извори.

Објавата за санкции, први во ЕУ насочени против сторители на сексуално насилство, доаѓа на еден ден пред Меѓународен ден на жената.

„Воведувајќи ги овие санкции, ние испраќаме јасна порака до виновните дека нивните злосторства нема да останат неказнети“, рече холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хекстра.

Списокот ќе биде објавен денес во Службениот весник.

Според документот добиен од агенцијата Франс прес, меѓу санкционираните лица се двајца талибански официјални лица, министерот за високо образование Нед Мохамад Надим и министер за пропагирање вредности и превенирање неморал Мохамад Калид Ханафи.

На списокот се и двајца полициски службеници од Москва, кои се прогласени за виновни за произволни апсења и тортура, како и двајца руски високи функционери заради сексуално насилство и силување извршени во Украина во март и април 2022 година.

Две официјални лица од провладината полиција во Јужен Судан исто така се на списокот заради систематската употреба на сексуално насилство како воена тактика.

Санкциите исто така го погодија и мјанмарскиот заменик министер за внатрешни работи Тоа Уија, како резултат на неговата претходна улога како висок службеник на управите на притворните центри во земјата каде што систематски се вршело сексуално насилство.

Казнети се три субјекти, затворот за жени Каршак во Иран, сириската републиканска гарда и воената канцеларија за набљудување на центрите за притвор и испитување во Мјанмар.