Родителите од ист пол и нивните деца мора да бидат признати како семејство низ цела ЕУ

Европскиот суд на правдата одлучи дека истополовите родители и нивните деца мора да бидат признати како семејство во сите земји-членки, јавува „Евроњуз“.

Од судот велат дека ако една земја го признае родителскиот однос со детето, тогаш секоја земја-членка треба да го стори истото за да го гарантира правото на детето на слободно движење.

Одлуката доаѓа откако бугарските власти одбија да издадат извод од матична книга на родени на новородена ќерка на истополов пар врз основа на тоа дека детето не може да има две мајки.

Бугарката Калина Иванова и Џејн Џонс која е Британка родена во Гибралтар се регистрирани како мајки на Сара која е родена во Шпанија во 2019 година. Но, ниту еден од родителите не е со шпанско потекло, што значи дека државјанството во таа земја не е дозволено, па Џонс не може да го пренесе ниту британското државјанство на нејзината ќерка бидејќи е родена во Гибралтар.

По оваа основа, Иванова побара бугарско државјанство за своето дете, кое потоа беше одбиено поради тоа што истополовите бракови и партнерства не се законски признати во Бугарија.

Како резултат на тоа, Сара беше оставена на ризик од бездржавјанство, без можност да ја напушти земјата на живеење на нејзиното семејство, Шпанија, како и без лични документи, што значи ограничување на нејзиниот пристап до образование, здравствена заштита и социјално осигурување.

Судот исто така одлучи на детето да му се издаде бугарски пасош.