Таткото на модерна Европа, Роберт Шуман предложен за светец

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск го предложи францускиот државник и еден од основачите на Европската Унија, Роберт Шуман за светец, поради неговите „херојски дела“ во обид да се стави крај на циклусот војни во Европа, пренесува „Н1“.

Во соопштението од Ватикан се наведува дека папата потпишал указ со кој се признаваат „херојските дела“ на Шуман кој бил побожен католик.

Шуман беше првиот претседател на Европскиот парламент. Во повоениот период, тој беше француски премиер и министер за надворешни работи. Во обид да се стави крај на циклусот војни во Европа, во 1950 година тој предложи ресурсите на јаглен и челик во европските земји да се обединат.

Планот стана познат како Декларацијата на Шуман, а денот кога беше објавен – 9 мај се слави како Ден на Европа.

Шесте основачи, Франција, Западна Германиј, Италија, Белгија, Луксембург и Холандија го потпишаа Парискиот договор за создавање на Европската заедница за јаглен и челик, кој во 1957 година прерасна во Европска економска заедница, а потоа и во Европска Унија во 1993 година.