ЕУ со нови санкции за десетици белоруски службеници, вклучително и членови на семејството на Лукашенко

Министрите на Европската Унија (ЕУ) одобрија нов пакет санкции против службеници и субјекти во Белорусија, вклучително и членови на семејството на авторитарниот лидер Александар Лукашенко, јавува „Радио Слободна Европа“.

Списокот со 78 лица и осум субјекти, се очекува да биде објавен денес, а тој вклучува пратеници, обвинители, судии и други службеници за кои се наведува дека се „одговорни за сериозни прекршувања на човековите права и за сериозно нарушување на владеењето на правото, како и за репресија на граѓанското општество и демократската опозиција“.

Синот на Лукашенко, Дмитри и сопругата на неговиот најстар син, Лилија, исто така беа ставени на списокот со санкции поради „бенефитирање и поддршка на режимот на Лукашенко“.

Новите мерки за замрзнување на финансиски средства и забрани за визи беа договорени од експерти кои имаа задача да подготват санкции за Белорусија како одговор на присилното слетување на летот на „Рајанер“ минатиот месец во Минск и апсењето на опозицискиот активист кој беше на летот.

ЕУ веќе им забрани на белоруските авиокомпании да летаат над територијата на Унијата или да ги користат нејзините аеродроми поради пренасочувањето на летот.

Дури и пред инцидентот, ЕУ размислуваше за нови санкции поради бруталните активности против опозицијата од страна на режимот Лукашенко во пресрет на спорните избори минатиот август.