Екстерно тестирање од шесто одделение – пратениците ги усвоија законските измени

Пратениците во скратена постапка денеска ги усвоија законските измени за основно и средно образование, со кои се предвидува промени и во екстерното тестирање. Со измените екстерното ќе започнува од 6 одделение, а оценките од него нема да стојат во сведителството на ученикот туку во посебен додаток. Сепак иако овие оценки нема да влегуваат во општиот успех на ученикот, тие ќе можат да бидат пресудни при уписот во средно училиште или на факултет, тогаш кога се пријавени кандидати со ист број бодови.

Екстерното беше повод за бројни протести на учениците и наставниците, кои бараа негово целосно повлекување. На најавите за законските измени преку Фејсбук страницата реагираше Средношколски пленум од каде порачаа дека не прифаќаат никакви пазарења со екстерното.

„Средношколски Пленум смета дека е несериозно да се коментираат личните желби и дневнопартиските понуди за урнисување и експериментирање во образованието пренесени со преголема доза на спин и пропаганда. Но во интерес на јавноста и принципот на транспарентност, ваквата партиска понуда која има за цел го сокрие неуспехот во образованието ја оценуваме како лош и погрешен чекор против средношколците и просветата. Власта овој пат преку предлог законски измени, нуди резултатите од екстерното тестирање да не влегуваат во општиот успех, но истите да влијаат во уписот во средно образование и на факултет, што за нас е нелогично и небулозно и говори за партискиот маркетинг кој го спроведуваат. Крахот во образовниот систем не може да се сокрие со „гипс“ реформи и кокетирање со учесниците во воспитно – образовниот процес“, велат од Пленумот.