Еден од пет растителни видови во светот е загрозен, покажува ново истражување

Земјоделската експанзија и производството на палмино масло се меѓу најголемите закани за растителниот свет, покажува ново истражување.

Еден од пет познати растителни видови во светот е под закана од исчезнување, се вели во првиот глобален извештај за флората на Земјата.

Авторите на истражувањето, спроведено од страна на Кралската ботаничка градина „Кју Лондон“, регистрирале 390 000 познати видови на растенија, од кои луѓето користеле повеќе од 30 000.

Од видовите кои се соочуваат со можно исчезнување, речиси една третина (31 отсто) се под закана од уништување на нивните живеалишта, за да се исполни експанзијата на побарувачката за земјоделско земјиште, вклучително и расчистувањето на голем дел од шумите во светот за да се направи простор за производство на палмово масло, или добиток. Побарувачката за дрво загрозува 21 отсто од растителните видови, а изградбата 13 отсто од загрозените видови, стои во извештајот.

Истражувачите се надеваат дека нивните наоди ќе бидат репер за следење на заканите за флората, која го одржува животот на човекот.