Доделување на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во МКЦ

Свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2022 година и промоцијата на победничкиот роман – „Зелениот дворец“ од авторот Сибо, ќе се одржат на 26 април, среда, со почеток во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.

На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман ќе се обратат членовите на жирито – писателот Владимир Јанковски, авторката и книжевната критичарка Елизабета Баковска и уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, а промотор на книгата ќе биде писателката Јана Мишо.

Организаторите посочуваат дека „Зелениот дворец“ е роман – временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век, и во сегашноста

„Во фонот на урбанистичките промени на градот поттикнати од различни човечки и природни влијанија, Петар – средовечен маж и научник од совремието – се чувствува како да не припаѓа на времето во кое живее и доживува необични случки што го поттикнуваат да ја продлабочи идејата за постоење на паралелни универзуми. Привлечен од нејасна внатрешна сила, доаѓа до куќата-дворец во населбата Црниче во Скопје, изградена во дваесеттите години на 20 век на тогашната периферија на градот. Легендата вели дека таа куќа била опседната од духови и проколната, но за Петар ќе биде поаѓалиште кон неговото следно патување“, појаснуваат за романот од „Арс Ламина“.

На четвртото издание на книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „Пегаз“, се  учествувале 38 ракописи.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.

Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2022 година беа разгледани и ракописите „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон.