Промоција на романот „Потстанар“ од српскиот автор Филип Грујиќ

Промоцијата за романот „Потстанар“ од српскиот автор Филип Грујиќ, ќе се одржи денес, 5 октомври, во Младонскиот културен центар со почеток во 19 и 30 часот.  Промотор на романот ќе биде Сашо Огненовски, додека модераторка на настанот ќе биде Јулијана Величковска од издавачката куќа „ПНВ Публикации“.

Според Теофил Пантиќ, „Потстанар“ е лирска, минималистичка приказна за израснувањето и созревањето во светот што ти нуди безброј опции, само што сите тие се сведуваат некако на исто, а тоа исто – како на „пораснат субјект“ – баш и не ти изгледа премногу привлечно.

„Во својата изместеност и благата ониричност, овој роман има дури и по малку муракамиевски трик во себе…“, пишува тој.

„Ѕвонлив глас, циничен и сентиментален, нежен и отуѓен, што со шепот вика за новите луѓе без имиња и без презимиња, без работа и, божем, без големи мисли и соништа. Многу моќен глас. Многу потресна приказна. И смешна“, вака пак гласи описот на Милена Марковиќ.

Филип Грујиќ (1995, Нови Сад) е дипломиран драматург. По игра на случајот, за испит по радиодраматургија напишал поема со ласцивно име „Курестиот Џони“. Професорката му рекла дека тоа не е радиодрама, но дека би можело да биде добар роман. И така настанал неговиот прв роман „Блудните денови на курестиот Џони“, па Филип Грујиќ станал и прозаист.

Една година потоа, ја добил Стериината награда за неговиот прв драмски текст „Не пред 4.30 ниту по 5.00 сат “ што сѐ уште се игра во „Ателје 212“ во Белград под наслов „Пред зазорување“. За истата драма ја добил и наградата „Слободан Селениќ“.

Неговата втора драма „Вилицата на Ибан Баерс“ е поставена во Српскиот народен театар под наслов „Големата депресија“. За овие две драми и за драмата „Таму каде што пеат“, што ја изведуваа студентите од ФДУ, Скопје, ја доби и наградата „Борислав Мијаловиќ Михиз“.

Неговиот втор роман „Потстанар“ што излезе во издание на ЛОМ од Белград беше во потесен круг за НИН-овата награда и во потесен круг за наградата на Европската Унија. Филип Грујиќ живее и работи во Белград.

Од организацијата известуваат дека настанот ќе биде организиран согласно препораките и протоколите за заштита од ковид.