Промоција на романот „Денот на црвот“ од Симона Јованоска

Промоцијата на романот „Денот на Црвот“, првиот роман на авторката Симона Јованоска, ќе се одржи на 17, четврток, во Младинскиот културен центар. Промоцијата на романот ќе започне во 20 часот, а модераторка на настанот ќе биде Наташа Атанасова. „Денот на црвот“ е издание на издавачката куќа „Или-или“, од едицијата „ПРОаЗа“.

Писателката и универзитетска професорка, Калина Малеска вели дека романот „Денот на црвот“ е вешто раскажан, со суптилен хумор и умешно поврзување на настаните и лајтмотивите.

„Овој роман, низ различни перспективи, проникливо ги истражува околностите, животните искуства и личната несигурност како мотиви зад постапките на многубројните впечатливи и реалистични ликови“, пишува Малеска.

Авторката Јагода Михајловска Георгиева вели дека романот изненадува од страница во страница – од почеток до крај, без застој и без празен од. Таа објаснува дека почетокот на романот е сосема неочекуван, дава навестување дека делото е можна басна, но тоа е итра замка.

„Приказната на спомнатите два лика, понатаму низ многубројни варијанти се преточува во животните судбини на јунаците што му припаѓаат на нашиот род. Од нашето совремие. Се испреплетуваат меѓусебно, се заплетуваат, се расплетуваат, понекогаш ритамот е толку вртоглаво брз што прилега на оној од анимираните филмови. Но, овие, на Јованоска, се повеќе и од живи. Цела една галерија од живописни ликови! Секој на свој начин уникатен, а сепак сите поврзани со една заедничка нишка: ослободување од „прангите“, од внатрешните и од надворешните зандани, посегнување кон Слободата. „Денот на црвот“ изобилува со свежи компарации никаде досега сретнати, ненаметлива духовитост, понекогаш и со одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност! Сето ова во комбинација со неспорниот талент и безмалку зачудувачки зрелата раскажувачка вештина, му овозможува на нејзиното дело висок дострел“, вели Михајловска Георгиева.

Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг.
Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“. Во 2019 година добива второ место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“. „Денот на црвот“ е нејзин прв роман.