Промоција на поетската збирка „Куфер“ од Ерол Туфан вечерва во МКЦ

Промоторите Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, заедно со модераторката Јулијана Величковска, вечерва, 11 април, ќе ја претстават поетската збирка „Куфер“ од Ерол Туфан.

Настанот ќе се одржи во Младински културен центар со почеток во 20 часот.

Стихозбирката „Куфер“ од Ерол Туфан содржи триесетина песни, а збогатена е и со илустрации од Владимир Мартиновски.

Според освртот на Славе Ѓорѓо Димоски, една од најважните карактеристики на творечкиот метод на Туфан во книгата „Куфер“ е способноста да го совлада поетскиот простор.

„Познато е дека, според мистичните својства на јазикот, секоја песна што сè уште не е напишана веќе има одредено поетско време… Гласот на силна чувствителност се провлекува низ целата книга; таа е исполнета со силни и впечатливи слики, кои вешто се прелеваат во смирена лирска рефлексивност настаната во највисокиот стадиум на уметничката зрелост на Ерол Туфан“, пишува Димоски.

Според промотерката Лидија Капушевска-Дракулевска целиот арсенал на значења „спакувани“ во книгата-куфер на Ерол промовираат една поетика на талкањето, во симбиоза со копнежот по слобода како врвен човеков и уметнички идеал.

Ерол Туфан (1959, Гостивар) е поет, есеист, преведувач. Во 1992 година се иселил во Турција. Студирал право во Скопје и Конија. Работи како самостоен адвокат во Истанбул. Досега во Скопје на македонски ги објавил книгата есеи „Книгољубецот“ (2006 и повторно 2011), книгата поетски есеизации „Несоници“ (2020) и книгите поезија: „Балкански син“ (2013), „Камчето од Вардар“ (2016), „Ликовите во мене“ (2021).

Двојазичниот избор од поезијата на македонски и турски јазик „Меланхолија/Melankoli“ (2020) објавена во Скопје. Изборите „Ерол трагом Ерола“ (2016) и „Књигољубац“ (2017) му се објавени во Србија. Ја приреди и во 2019 ја објави книгата „Компаративни поетики“, дел од богатата оставина на својот татко Музафер Туфан. Во Истанбул објавена му е стихозбирката на турски јазик „Hülya bitince“ (2021).

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење Књижевника Србије и на Турскиот вакуф на писателите.