Промоција на книгата „Чаша чај од смртен грев“ од Верица Ацеска вечерва во МКЦ

Со почеток во 20 часот, вечерва (7 ноември) во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи промоција на третата книга на писателката Верица Ацеска „Чаша чај од смртен грев“.

На настанот ќе говорат и читаат Ана Стојаноска и Стеван Ацески. Книгата доаѓа по претходните две објавени „19.“ и „Паралел“ од „Прозарт медиа“.

„Психолошкиот реализам, или поточно, книгите со комплексно напишани карактери и сериозно конструирани приказни се реткост во нашата книжевна практика. Особено ако се фокусирани да ја истражат човековата природа во детските светови, во возрасните, остварени личности или, пак, во обременетата од животни искуства лична визија за светот и животот во него. Прецизните психолошки карактеризации, заводливите текови на заплетите и притоа лесната читливост што ве тера да ја „издолжите“ книгата за уште некое поглавје повеќе, се главната карактеристика на третата прозна книга на Верица Ацеска. Влезе ненаметливо на нашата книжевна сцена со ‘женската’, разговорлива новела насловена ’19’, си го освои местото со ‘Паралел’, неверојатно зборопривлечна за консумирање, во која ликовите најобјективно нѐ соочуваат со сопствената реалност, низ принципите на филмската наративност и сега се потврдува како сериозна писателка со ‘Чаша чај од смртен грев’“, вели Стојаноска за „Чаша чај од смртен грев“.

Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.