Промоција на романот „Писмо за Глорија“ од Живко Гроздановски

Под промоторство на авторката Фросина Пармаковска, на 1 март, во среда, ќе се одржи промоцијата на романот „Писмо за Глорија“ од писателот Живко Гроздановски.

Во Кино Фросина, МКЦ, со почеток во 20 часот, ќе биде претставен третиот роман на Гроздановски, по „Куфер за тројца“  и „Последното име на иднината“. „Писмо за Глорија“ роман е објавен од страна на издавачката куќа „Или-или“.

„Романот ‘Писмо за Глорија’ а автофикциски обид за реобмислување и сублимирање на фрагментираното минато што се води од една, навистина, благородна стремеж – испишување на реалноста што, честопати, може да биде необична и себеиспишување што, секогаш, мора да биде комплексно и трауматично. Може ли тоа да значи зацелување, соочување со траумата и нејзино надминување? Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора низ бескрајните предели на убавата литература“, вели промотерката Пармаковска.

Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, ИЛИ-ИЛИ, 2014) и на италијански јазик („Последното име на иднината“, Антолог, 2018). Преведува и препејува од и на италијански јазик.