Шест добитници на наградата „Македонска книжевна авангарда“

Шест писатели ја добија наградата „Македонска книжевна авангарда” за книги објавени во минатата година.

Добитници на наградата се: Славица Гаџова Свидерска за книгата “Политики на стравот”, Бистра Кумбароска за книгата “Скршена, кршлива и други начини да се стане цела”, Огнен Неделковски за книгата “Ловци на лажни вести од зграда 39”, Марија Ралповска за книгата “Сенки во подземјето”, Ана Стојаноска за книгата “Лебед” и Славица Урумова Марковска за книгата “Алфа и Омега”.

Селектор на најдобрите дела беше проф. д-р Христо Петрески, а на Конкурсот за наградата “Македонска книжевна авангарда” пристигнаа вкупно 17 објавени книжевни остварувања.

Наградата ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација “Македонија презент” од Скопје, а се доделува за иновативна, експериментална и креативна, односно најдобра книга објавена во 2021 година.

Досегашни добитници на наградата се: Елена Пренџова, Марина Мијаковска, Дејан Трајкоски, Стефан Марковски, Ана Бунтеска, Бистра Илин Шеќеровски, Даниела Андоновска – Трајковска, Митко Гогов и Габриела Стојаноска – Станоеска.