[Интервју] Симона Јованоска: „Стравот е природна човечка емоција којa ме инспирира“

Овој роман почнува со црв кој излегува од земјата, а завршува којзнае каде. Скроз откачен и динамичен, да не ти го раскажувам – прочитај го, гласи хиперкратката рецензија за својот роман „Денот на црвот“ на авторката Симона Јованоска, која оваа година ја доби наградата „Роман на годината“.

Човек доживува нервен слом во месара. Едноставно пука. Ова е една од случките на неисполнетите ликови во романот, а Јованоска за Радио МОФ вели дека честопати знае да се пошегува дека „нема месо во среќа“.

Објаснувајќи за ликовите во романот, потенцира дека за неа лично, неисполнетите и трагични ликови се нејзин предизвик за пишување, бидејќи сака да зборува за судбините на овие луѓе и да ја раскаже нивната судбина, избегнувајќи ја патетиката.

„Удобно ми е во несовршеноста на ликовите, не ги судам, не ги обременувам со предрасуди, се трудам да не бидам сурова кон нив и да им дадам шанса да излезат од ‘калта’ дури и како победници. Многу ги сакам тивките, невидливи, навидум мирни ликови од соседството кои се свој сопствен бунар полн со тајни. Нивниот отпор, нивното востание, би рекла нивното пукање по шавови за мене носи надеж дека доброто ќе го победи злото и дека за да се случи тоа – некој мора да полуди.“, истакнува Јованоска.

И таа потврдува дека дејствата се побрутални, помрачни и одлика на нејзината душевна состојба во времето кога биле пишувани.

А според Јованоска, духот на нашето време се инстант продуктите, брзата храна, брзите врски, кратки наслови, сензација и површност.

„Јазикот на сегашноста мора да биде јазик на авторите, поетите, медиумските културни работници, издавачите и уметниците воопшто кои со сите сили ќе пркосат на турбофолкот“, вели таа.

Симона Јованоска Фотографија: Гоце Лалковски

Едни од нус-производите на времето се и хиперпродукцијата и малото внимание на публиката. Јованоска вели дека потребни се промени од двете страни.

„Хиперпродукцијата од една укажува на квалитет за сметка на квантитет, што пак генерира незаинтересирани и недоволно мотивирани медиуми од друга страна. Социјалните медиуми се супер платформа за да се дојде до поширока публика, па истите можат многу паметно да бидат ставени во функција на ширење на тој глас“, вели таа.

Токму Јованоска е најкомотна на „Твитер“, поради анонимноста, критичноста во пишувањето, јазикот, неформалноста, хуморот и сарказмот.

„Таму има шанса да си играш со алтер-его без да повредиш било кој. Ништо не правам со цел, сè ми доаѓа природно однатре, па понекогаш се случува да згрешам. Важен е балансот, социјалните мрежи да не ти станат опсесија за сметка на покорисни активности, но на крај на ден, сите го правиме она кое нè исполнува“, вели таа.

Наградата „Роман на годината“ на Јованоска ѝ значи многу, бидејќи напишала супер роман кој ќе добие шанса да биде прочитан, па и преведен.

„Веројатно тајмингот е многу важен, но она што ми е поважно е пораката дека ако напишеш нешто навистина добро, тоа ќе го најде својот начин да пробие до својата цел“, додава таа.

Симона Јованоска Фотографија: Гоце Лалковски

Универзалноста на животот и вечните теми во романот на Јовановска се присутни преку тоа што човечките судбини се преточени во басни. Такви се црвот и чавката, а за нив, авторката вели дека црвот, чавката, Грета, Томас и сите ликови во романот се таа, ти, луѓе кои ги познаваме, соседи, колеги и роднини.

„Црвот требаше да биде ‘нискиот старт’ на приказната, како нејзино симболично пробивање и ослободување од мојата глава, но искрено ме радуваат различните аспекти и начините на кои читателите го доживуваат овој антихерој. Тоа е доказ за неговата комплексност како лик, и ми е неизмерно драго што сум успеала да создадам еден таков протагонист“, вели таа.

„Денот на црвот“ е дело напишано во пандемија и карантин. Јованоска нагласува дека тоа ѝ бил клучен притисок.

„Стравот е природна човечка емоција којашто ме инспирира и на која често ѝ се навраќам, ми помага да се соочам со себе и своите слабости и да прогресирам. Но, стравот во комбинација со замор, обврски, интензивна рутина и обид за баланс беше исцрпувачки за мене, и би рекла одлучувачки тригер да почнам со пишување“, заклучува таа.

„Денот на црвот“ од Симона Јованоска ја доби наградата „Роман на годината“

Ивана Смилевска