Десетина луѓе станаа видливи за системот, за првпат им беа издадени изводи од матичната книга

Почна реализацијата на процесот на издавање изводи од матичните книги на родените, откако во јуни годинава Собранието ги усвои измените на Законот за матична евиденција, кои треба да овозможат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, но и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство, пишува Мета.мк

Директорот на Управата за водење матични книги (УВМК), Емир Сулејмани, рече дека денеска изводи од матичната книга на родените добиле десетина лица, а на голем број им биле дадени упатства во однос на тоа кои документи треба да ги достават за да можат да добијат единствен матичен број (наместо идентификациски број, каков што имаа досега), а со тоа понатаму да имаат можност за здравствено осигурување, вадење на трансакциска сметка и добивање државјанство.

„Процесот е започнат согласно Акцискиот план. Кај нас се евидентирани 540 луѓе кои немаат извод од матична книга. Кај оние што имаа повеќе документи, процесот течеше полесно, а на стотина други им беа дадени упатства кои документи да ги извадат. Се надеваме дека до крајот на годинава овој процес ќе биде заокружен“, вели Сулејмани за Мета.мк.

Измените во Законот за матична евиденција се работеа подолго време од страна на работна група. Постоечкиот закон не можеше да се имплементира од неколку причини. Првиот проблем беше интегрираниот систем на размена на податоци меѓу институциите, кој не овозможуваше препознавање на регистарскиот број за тој да влезе во системот за размена на податоци. Вториот проблем беа банките, односно лицата без државјанство имаа идентификациона исправа на МВР, но банките не го препознаваа овој број и не можеа да им отворат трансакциски сметки.

Овој евиденциски број што го издава Управата за водење матични книги ги немаше карактеристиките на ЕМБГ и не можеше да биде препознаен во интегрираниот систем на државата. За Фондот за здравство, спорен беше и членот од законот кој предвидуваше дека овие исправи се издаваат во хартиена форма, а не во електронска.

Поради сето ова, околу 700 луѓе немаа пристап до основните човекови права – здравствено осигурување, поседување лична карта и користење социјална помош до отворање трансакциска сметка. Чашата ја прели случајот со Мемет Камбер, 19-годишното момче кое во мај годинава почина поради недијагностициран дијабет, бидејќи тој немаше можност да добие здравствено осигурување и првпат отиде во болница кога здравствената состојба видно му се влошила, и тоа со туѓа здравствена книшка.

Со новите законски измени, секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители. Понатаму, дете чии родители се непознати или се со непознато државјанство или се без државјанство се запишува во матичната книга на родените во местото каде што е родено односно најдено детето. Пријавувањето на личното име на детето за запишување во матичната книга на родените, се врши во рок од 30 дена од денот на раѓањето на детето.

Од УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ОН го поздравија усвојувањето на законските измени, оценувајќи го како најнов чекор во низата мерки кои властите ги преземаат за да го спречат и решат бездржавјанството.

„Донесувањето на измените на Законот за матична евиденција е важен чекор кон остварувањето на меѓународните обврски на државата. Овој напор на целото општество го трасира патот на државата да стане првата држава во Европа и втората во светот која ќе го искорени бездржавјанството“, изјавија од УНХЦР.