„Ромалитико“ најави протест пред Собрание зошто три недели по смртта телото на Мемет Камбер не е предадено на роднините

Tелото на Мемет Камбер сè уште не е предадено на роднините и по три недели од неговата смрт реагираат од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“. Од таму апелираат до сите политички и административни чинители да ја решат состојбата до среда (14 јуни), во спротивно ќе организираат протест пред Собранието.

Камбер, кој работеше како колпортер во „Лице в лице“ почина на неполни 20 години на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Поради тоа што немал можност да добие лични документи, тој немал здравствено осигурување и не можел да ги прави потребните здравствени прегледи.

„На 16 јуни „Ромалитико“ ќе организира протест пред Собранието на РСМ, институција од која, исто така, се очекува да ги донесе сите потребни измени на законите за во иднина да не се повторуваат вакви случаи. „Ромалитико“ уште еднаш апелира дека е време е да се извршат промени во Законот за лична карта и Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште и да се даде можност на лицата кои немаат свој дом, да може да извадат лична карта. Покрај лицата без документи, поради проблемите со урбанизација и легализација, моментално постојат и лица кои не може да ја обноват личната карта и за кои исто така треба да постои решение“, велат од Институтот, пренесе „Лице в лице“.

Во нивната реакција додаваат дека остварувањето на здравствената заштита е човеково право а неможноста за пристап до здравствена заштита е прекршување на човеково право.

„Апелираме за итно формирање на работна група во Владата која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи“, стои во соопштението на „Ромалитико“.

За случајот со смртта на Камбер реагираа од УНХЦР, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, кои повикаа да се стави крај на бездржавјанството и проблемите со кои се соочуваат лицата без лични документи.

„Случајот на Мемет не е единствен, има уште многу наши сограѓани кои се невидливи за правниот систем, без единствен матичен број и без пристап до основните човекови слободи и права“, напишаа од Хелсиншкиот Комитет.