„Ромалитико“: Итно усвојување на потребните измени за пристап до лични документи

„Институт за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико” во реакција за случајот на Мемет Камбер апелира на итно формирање на работна група во Владата која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи.

„Моментално имаме околу 1000 лица кои се под закана да ја имаат истата судбина како на Мемет. Покрај него постојат и други примери на лица кои го загубиле својот живот или пак се соочиле со сериозни потешкотии во процесот на добивање на здравствена заштита“, велат од „Ромалитико“.

Оттаму реагираат дека Мемет како сиромашно лице немал лична карта затоа што не можел да пријави адреса бидејќи живеел во дом кој е дивоградба.

„Најпрво, ромските населби се соочуваат со проблемот на влез на населбите во урбанистичките планови.  Проблемот со легализација покрај тоа што им го оневозможува уживањето на основни човекови права, дополнително ја доведува ромската заедница во состојба каде што не можат да го докажат правото на сопственост врз земјиште и оваа состојба се пресликува на идните генерации со можност/закана за нивно иселување, но исто така им создава потешкотии во пристапот до комунални услуги (вода и електрична енергија)“, стои во реакцијата.

Од Институтот посочуваат дека алтернативната можност за лицата без документи може да биде и пријавување на адресата во  Центарот за социјални работи или општината.

„Време е да се извршат промени во Законот за лична карта и Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште и да се даде можност на лицата кои немаат свој дом, да може да извадат лична карта. Покрај лицата без документи, поради проблемите со урбанизација и легализација, моментално постојат и лица кои не може да ја обноват личната карта и за кои исто така треба да постои решение“, алармираат од „Ромалитико“.

Почина колпортер на „Лице в лице“, немал можност за здравствени прегледи поради недостаток на документи