Реакција: До кога младите лица ќе ги губат животите поради неажурност на државата?

Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари со јавно соопштение реагира на смртта на младиот колпортер на „Лице в лице“, Мемет Камбер, кој починал на клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

Од „Лице в лице“ посочија Камбер не поседувал здравствена книшка и немал можност да прави здравствени прегледи.

Според Иницијативата, таткото на Мемет е во затвор долги години, а мајката живее надвор од Македонија веќе подолго време. Живеел и пораснал со вујко му и вујна му, велат тие, дополнувајќи дека Мемет поседувал извод од матичната книга на родените, односно само тој документ го имал како лична идентификација.

„По наполнување на 18 години мајката на Мемет дојде во Македонија и тој веднаш поднесе барање за издавање на лична карта по прв пат. Тука Мемет се соочил со препрека за издавање на лична карта поради тоа што мајка му повторно заминува од Македонија и службениците побарале имотен лист за да се утврди точната адреса на живеење. За жал куќата каде што живее вујко му е дива градба и со тоа автоматски му се оневозможи на младиот Мемет да има лична идентификација, а со тоа и здравствено осигурување“, забележуваат од Иницијативата.

Според нив, пред околу една недела Мемет се жалел на болки во желудникот, со постојно повраќање и жед за вода.

„Вујкото го однесе на дежурна служба во Амбулантата Шуто Оризари. Докторката му аплицираше инекција која е замена на кетонал. Болките продолжија, а жедта за вода не му се намали. Утредента вујко му се упати во КАРИЛ – Клиника за анестезија, реанимација и интезивно лекување. Лекарите го примија истата вечер во тешка здравствена ситуација и екстремно алармантна. Од изјавата дадена од анестезиологот на КАРИЛ се забележува дека Мемет дошол со хипергликемија која што се појавува уште во детска возраст“, стои во реакцијата.

Од Иницијативата потсетуваат дека пред само две години почина и деветнаесет годишниот Тони Сали.

„Причините за прераната смрт на ова момче се’ уште не се познати затоа што ова момче немајќи извод, никогаш немаше ни здравствена книшка, а ни лична карта. Пари за приватни лекарски прегледи, ова социјално загрозено семејство, немаше. Оттука ние прашуваме – до кога државата нема да превземе одговорност за лицата без лична идентификација/лица надвор од системот за здравствено осигурување? До кога ќе треба да згаснуваат млади животи за да се направат промени во законот за стекнување на лична идентификација?“, се вели во реакцијата на Иницијативата.

Здружението бара од институциите веднаш да изнајдат соодветно решение за, како што велат, олеснување на постапката за стекнување на прва лична карта, односно доколку и двајцата родители се живи но едниот од нив поради непознати причини не живее со детето, да не постои препрека за стекнување на лична идентификација на детето.

Инаку, за случајот досега реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Меѓу другото, потенцираа дека случајот е уште еден доказ за итната потреба од решавање на проблемот со добивање на државјанство и упис во матичната книга на родени.

„Државјанството ја претствува правната врска на едно лице со државата , од кои пак се црпат правата и обврските. Остварување на основните човекови права не смееат да бидат привилегија во една држава, а државата пак има обрска да овозможи остварување на овие права на секој човек, согласно меѓународните стандарди и европските документи на кој како демократска држава сме обврзани“, реагираа од Хелсиншки.

Исто така, реагираше и УНХЦР. Смртта на младиот колпортер ја окарактеризираа како уште еден страшен потсетник дека живеењето без лични документи претставува ризик и по самиот живот.

„Северна Македонија е многу блиску до ставање крај на бездржавјанството. Бараме од сите чинители да ги преземат потребните чекори за да осигураат ставање крај на бездржавјанството оваа година и да осигураат дека ниту еден живот повеќе нема да биде загубен заради немање пристап до услуги од витално значење.  Секој има право на правен идентитет кој му дозволува пристап до права и услуги. Секој има право да каже ЈАС ПРИПАЃАМ. Кренете го вашиот глас и придружете ни се во повикот да се стави крај на бездржавјанството сега!“, соопштија од УНХЦР.