УНХЦР: Крај на бездржавјанството сега!  

„Неверојатно и болно – не верувавме дека повторно ќе жалиме по изгубен млад живот на момче кое кусиот животен век го поминало без пристап до дел од основните човекови права. Правото на живот доаѓа прво. Сите други права се надградуваат на него“, реагираат од УНХЦР по смртта на младиот колпортет на „Лице в лице“, Мемет Камбер.

Од „Лице в лице“ рекоа дека Мемет Камбер починал на клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), тој не поседувал здравствена книшка и немал можност да прави здравствени прегледи.

„Апелираме ова да биде последниот случај каде правата на поединецот се загубени во системот. На располагање сме целосно и постојано, заедно со сите наши партнери, за да дадеме целосна поддршка да се отстранат недореченостите и конфликтите во законските решенија и имплементацијата. Ризикот од бездржавјанството претставува секојднева опасност по животот и здравјето на засегнатите лица – да не оставиме да помине ниту ден повеќе. Веќе е предоцна!“, стои во јавната реакција на УНХЦР.

Неговата смрт ја карактеризираат како уште еден страшен потсетник дека живеењето без лични документи претставува ризик и по самиот живот.

„Северна Македонија е многу блиску до ставање крај на бездржавјанството. Бараме од сите чинители да ги преземат потребните чекори за да осигураат ставање крај на бездржавјанството оваа година и да осигураат дека ниту еден живот повеќе нема да биде загубен заради немање пристап до услуги од витално значење.  Секој има право на правен идентитет кој му дозволува пристап до права и услуги. Секој има право да каже ЈАС ПРИПАЃАМ. Кренете го вашиот глас и придружете ни се во повикот да се стави крај на бездржавјанството сега!“, велат од УНХЦР.