[Став] Нашата помош за бегалците и лицата во движење е универзална

Пишува: Александра Валкановска

Помошта и поддршката која хуманитарните работници на Црвен крст ја даваат на бегалците и лицата во движење е универзална димензија која се издига над сè. Нивните страдања на патот исполнет со неизвесност, но и надеж, ги ублажуваат лицата кои им подаваат рака, кои знаат и се обучени да помогнат во состојба на итност, оние кои знаат дека тоа значи спасен живот. Мноштвото сведоштва говорат дека универзалниот јазик на кој меѓусебно комуницираат кога помошта и поддршката се најпотребни е јазикот на хуманоста. Често зборови и не се потребни…. јазиците не преставуваат бариера бидејќи хуманоста е универзална димензија. 

Природните катастрофи и катастрофите предизвикани од човечки фактор често предизвикуваат негативни импликации кои се рефлектираат во различни размери, пред сè во локален контекст, но предизвикуваат и глобални поместувања. Длабоките кризи, меѓу кои и хуманитарните, се последици на сите овие поместувања на глобално ниво, а за жал и високоразвиените општества не секогаш се подготвени да излезат во пресрет на лицата афектирани од истите. Поновата историја сведочи за поместувања на глобалната мапа, а рефлексијата ја доживеавме и во нашето општество. Зборувајќи за движење на луѓе во пошироки размери како последица на кризни состојби, несомнено е дека мешаната бегалска и мигрантска криза која со почетоците на 2015 година внесе сериозни предизвици во нашата држава, бараше итен и неодложен одговор на сите релевантни институции. Од друга страна пак, миграциите и прашањето за бегалците се наметнаа како врвно прашање во сферата на општествениот и политичкиот живот во секое општество, тесно поврзано со човековите права, глобалниот економски развој, социјалните, технолошки и трансформации во сите сфери на едно општество. Но, беа ли подготвени државите да излезат во пресрет на потребите на лицата ефектирани од кризните состојби? Дали дотогаш развиените системи за помош и поддршка беа соодветно адаптирани на оваа состојба? Што тоа значеше на терен, меѓу нив, со и за нив?

За нас во Црвениот крст, тоа значеше брзо мобилизирање на сите човечки и материјални ресурси и итен одговор уште во првите денови кога лицата се движеа по неизвесниот пат чија рута водеше и низ нашата земја. Поддржани од нашите партнери, меѓу кои УНХЦР како долгорочен партнер, излеговме на терен. Свесни бевме дека поддршката за бегалците, мигрантите не е само поддршка за категорија лица кои имаат потреба од помош, туку е лична и хумана поддршка за секој поединец кој се нашол во состојба на ранливост. Кога зборуваме за страдање и длабоки последици од истите, хуманитарниот пристап во ублажување на страдањата е пред и над сè. Пристапот на Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина (МФЦКЦП) кон миграциите е со стриктно хуманитарен карактер кој се темели на препознавање на индивидуалноста и аспирациите на секоја индивидуа. Овој пристап се фокусира на потребите, ранливоста и потенцијалите на бегалците, без разлика на нивниот статус. Поставувајќи го човекот пред и над сè, унапредувајќи го човековото достоинство и ублажување на последиците од кризни состојби на ранливото население, Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина, насекаде, вклучително и во Република Северна Македонија има носечка улога во хуманитарната помош на лицата афектирани од бегалските кризи. Хуманитарниот одговор на Црвениот крст кон нив е во тесна корелација со мисијата на организацијата, која како хуманитарна организација работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедувајќи почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, поттикнува доброволно ангажирање и постојана подготвеност за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост.

Зборувајќи за ублажени страдања, зборуваме за над 450 000 лица кои добиле помош и поддршка од страна на тимовите на Црвен крст, и тоа асистенции и интервенции за укажување прва помош, дистрибуција на хуманитарна помош во материјални добра, воспоставување на семејни врски, транспорт до здравствени установи, поддршка во прифатните центри, прва психолошка помош и сл. Соочени со негативна реторика за бегалското прашање, следејќи ги насоките на МФЦКЦП, Црвениот крст на Република Северна Македонија реализираше кампања за подигање на свеста кај населението за хуманитарните потреби на бегалците и мигрантите и активностите за поддршка кои ги спроведува Националното друштво. Животните приказни на секој од нив се и тажни, трогателни, често и недоречени, изгубени низ неизвесните патишта долж балканската рута. Бројките се статистика, но лицата кои се директно опфатени со помош и поддршка се животни приказни кои долго ќе останат запаметени во личната и колективна меморија на секој волонтер, вработен во Црвениот крст. Многу страдања беа ублажени, многу животи беа спасени, а на свет дојдоа и неколку нови животи- тука и со помош на лицата ангажирани во нашите тимови. Имаше и моменти на кои посебно се радувавме, заедно со нив. Најчесто кога ќе го препознаеја амблемот на Црвен крст кој им влеваше надеж, кога ќе побараа и добиеја соодветна помош, кога ќе се обединеа раздвоени членови на исто семејство преку нашата Служба за барање, кога им помагавме да воспостават контакт со своите блиски, кога заедно со нашите волонтери се радуваа за малите нешта кои живот значат.

И денес, како и на почетоците на оваа криза, бегалците и лицата во движење не се зад нас. Сè уште сме активни на терен, но активни чинители сме и во процесот на интеграција на лицата под меѓународна заштита. Следејќи ја Глобалната стратегија за миграција на Меѓународната федерација на на Црвен крст и Црвена полумесечина (МФЦКЦП) која поставува насока за дејствување на Националните друштва укажува дека истата не се однесува само на задоволување на хуманитарни потреби и потребата да се излезе во пресрет на ризиците со кои се соочуваат, туку исто така и зајакнување на капацитети на бегалците и мигрантите преку интегрирања на помошта, заштитата и застапувањето односно лобирањето за нивните права.

Секој човек е богатство. Да го вброиме придонесот на бегалците.

***Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.