УНХЦР побара од ЕУ да прими 42.000 бегалци од Авганистан

Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) сака земјите од Европската Унија (ЕУ) да примат 42.500 авганистански бегалци во наредните пет години, изјави вчера еврокомесарката Илва Јохансон додавајќи дека тоа е „остварлива“ цел, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Јохансон ова го изјави на форумот за заштита на авганистанските граѓани во опасност, на кој се собраа повеќето земји членки на ЕУ, УНХЦР и Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Исто така, Јохансон изјави дека високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди проценил дека во наредните пет години, речиси 85.000 Авганистанци ќе треба да се преселат од соседните земји на Авганистан, каде што се бегалци, во други земји.

Според неа, Гранди предложил ЕУ да прифати половина од тие бегалци, односно 42.500 лица.

„Мислам дека тоа е остварливо“, рече таа, додавајќи дека „некои земји од ЕУ не можат да донесат одлука за прифаќање бегалци сега, бидејќи се во процес на формирање влада“, што е случај и за Германија.