УНХЦР: Измените на Законот за матична евиденција го трасираат патот за искоренување на бездржавјанството

УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ОН, го поздрави денешното усвојување на измените на Законот за матична евиденција од Собранието, посочувајќи дека овие измени овозможуваат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, како и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.

„Секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија има право на упис во матична книга на родени веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители“ – стои во еден од членовите на Законот за матична евиденција и, како што велат од УНХЦР, праќа јасна порака за целта на измените.

„Ова водство за пример покажано од Собранието на Република Северна Македонија е најновиот чекор во низата мерки кои властите ги преземаат за да го спречат и решат бездржавјанството, вклучувајќи ја и таа со која Министерството за внатрешни работи им додели државјанство на 290 лица без државјанство. УНХЦР ќе ги поддржува институциите да ги спроведуваат законските одредби и тесно да соработуваат со разни чинители за да се спречат нови случаи на бездржавјанство“, изјави Претставничката на УНХЦР, Моника Сандри.

Од УНХЦР потенцираат дека денешното донесување на измените на Законот за матична евиденција е важен чекор кон остварувањето на меѓународните обврски на државата.

Овој напор на целото општество, вела тие, го трасира патот на државата да стане првата држава во Европа и втората во светот која ќе го искорени бездржавјанството.

„Се надеваме дека ќе сведочиме слично заедништво и солидарност на Глобалниот форум за бегалци што ќе се одржи во декември. Законските измени беа можни благодарение на заедничките напори од државните власти, граѓанското општество, медиумите, ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ, Советот на Европа, агенциите на ОН и други кои работат заедно како дел од глобалната кампања #ЈасПрипаѓам (#IBelong) за да се стави крај на бездржавјанството до 2024 година“, соопштува УНХЦР.