МЗМП: Предлог измените на законот нема да го решат проблемот на лицата без државјанство

Предлог измените на законот за државјанство, кои се денес пред пратениците, нема да го решат проблемот на лицата без државјанство во Северна Македонија, посочуваат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) кои побараа итно свикување јавна расправа во Собранието на која ќе се произнесе стручната јавност.

Од Здружението, кои повеќе од деценија работат на намалување и искоренување на бездржавјанството во земјава, велат дека текстот на законот е подготвен во нетранспарентна процедура без увид на јавноста и без можност за било какви коментари, мислења и предлози.

„Сметаме дека начинот на кој што е формулиран предлог законот е непрецизен и не го решава во целост проблемот на лицата без државјанство кои се заштитени согласно меѓународното право и конвенциите наведени како извори за донесување на овој закон, а дел од предложените решенија се спротивни на текстот на овие конвенции. Конвенциите на ОН за бездржавјанство и Европската конвенција за државјанство се однесуваат на добивање на државјанство на оние лица кои немаат државјанство. Прашањето за двојно државјанство согласно Европската конвенција за државјанство е предвидено само во поглед на деца родени во државата, а кои поседуваат државјанство на друга држава, како и за лицата кои склучуваат брак“, посочуваат од МЗМП.

Од Здружението велат дека иако предлагачите на законот, во јавните говори, го потенцираат решавањето на бездржавјанството, лицата без државјанство не се никаде изрично споменати во предлог законот.

Тие бараат донесување на закон со кој сите лица кои живеат на територија на Република Северна Македонија, а се апатриди, односно немаат државјанство од ниту една друга земја, веднаш да добијат државјанство на Република Северна Македонија со што ќе се отстрани бездржавјанството согласно меѓународните конвенции.

„Предлог законот ги става во понеповолна положба лицата кои се родени и живеат во РСМ целиот свој живот и немаат никакво државјанство, од оние лица кои по 1991 година се иселиле од земјава, имаат државјанство на друга земја, а ќе имаат можност да добијат државјанство на Република Северна Македонија. Дополнително, во предлог законот не е уреден статусот на оние лица кои се родени по 1991 година како втора генерација лица без државјанство кои живеат во нашата држава. Доколку намерата на овој закон е да се намали или искорени  бездржавјанството, тогаш се поставува прашањето зошто условот за законски престој од 8 години за странци се намалува на 7 години, а условот во членот 7-а за лицата без државјанство останува непроменет. Дополнително, зошто за лицата без државјанство согласно член 7-а не се воведени олеснителни околности за прием, како што е тоа направено во член 7 од новиот предлог закон“, велат од МЗМП.

Оттаму посочуваат дека доколку се изгласа ваквиот предлог закон, тоа ќе биде уште една пропуштена шанса за решавање на судбината на голем број луѓе кои се родени и живеат во Северна Македонија, а немаат државјанство на ниту една земја.