[Фото] „Ајде да ги замениме оброците“ – студентите им оставија лепче и зденка на пратениците

Чинии со лепче и зденка беа оставени попладнево пред законодавниот дом, каде десетици студенти протестираа и од пратениците побараа „да ги заменат оброците“. Во собраниската зграда пак, течеше средба помеѓу претставници на универзитетските студентски собранија, пратеници и претставници од Министерството за образование и наука, откако по бурните реакции на јавноста беа повлечени измените на Законот за субвенциониран студентски оброк.

Студентите пред Собранието извикуваа „Нема да ви помине“, а истовремено беше испишан и зборот „отпор“ на асфалтот од блокираната улица.

Јован Јанев, член на Универзитетското студентско собрание од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип посочи дека барањата се најпрво зголемување на студентскиот оброк од 120 на 150 денари на дневно ниво.

„Македонија доживува одреден степен на инфлација и е потребно зголемување на финансиската и мотивациската поддршка на студентите. Понатаму, реконструирање и реновирање на студентските домови, бидејќи во добар дел од нив условите се катастрофални и нечовечки. Исто така потребно е и изедначување на стипендиите, и оние студенти кои земале помалата стимендија, сега да ја земат поголемата“, рече тој.

Јанев нагласи потреба и од изземање на студентите од антикризните мерки на Владата.

„Студентскиот грб не е оној грб на кој државата треба да штеди“, посочи Јанев.

Реакциите од студентите, вели тој, дошле поради начинот на кој „лукаво и дрско владејачкото мнозинство и групата пратеници пробаа да ја протуркаат промена на законот“.

„Се надеваме на константна иницијатива и пронаоѓање на заеднички јазик, бидејќи сепак сите живееме во едно исто општество, имаме некои заеднички интереси. Понекогаш, за да се случат промени, потребно е да се доживее некоја поголема загуба. Во овој случај е потребата и можностите на студентите, па затоа ние ќе се обидеме на најдобар и најбрз начин да ги задоволиме правата на сите студенти“, нагласи Јанев, посочувајќи дека најверојатно ќе продолжат со протести ако не им се исполнат барањата.

Пред присутните се обрати и Умејр Муамеди, според кој студентите се деградирани и понижени со само тоа што имало таков предлог-закон.

„Пред да одиме на конкретните барања, јас имам една порака… На нас студентите не ни се битни 120 денари, ако сакате од наш џеб ќе ви дадеме уште по 120, само ако и вие се обврзете дека ќе отстапите од сите ваши привилегии што ви следуваат како пратеници избрани од народот. Не треба да ги трошите парите на народот безнаменски“, посочи тој.

Доколку сметаат дека средствата за патните трошоци им се неопходни за да дојдат да работат, рече Муамеди, тогаш студентите да им ги препуштат студентските домови. Исто така да ги заменат и оброците.

Протест е најавен и за утре, во исто време, а говорниците ги поканија да им се приклучат и средношколците.

Инаку, реакциите дојдоа откако беа ставени, па повлечени законските измени со кои се дополнувааа критериуми, а со кои истовремено се зголемуваше и износот на субвенционираниот студентски оброк.

Од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) претходно изјавија дека со таквото решение се предвидува да се стесни кругот на студенти корисници на субенционираниот студентски оброк, наспроти идејата да има здрав оброк за секого.

„Треба здрав оброк за секого“ – студентски собранија реагираат на измените за субвенцираниот студентски оброк

Исто така, денеска реагираа и од Младинскиот образовен форум (МОФ), кои искажаа разочарување по повод предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, но и општо во врска со моменталната ситуација во која се наоѓаат студентите. Во услови на енергетска криза, голема инфлација и пост-пандемиско опоравување, рекоа од МОФ, студентите за жал се први на удар од државните институции со тоа што се преземаат мерки кои влијаат кон намалување на и онака веќе нискиот студентски стандард.

„Почнувајќи од катастрофалните услови во кои се наоѓаат студентските домови (според неодамнешно истражување на МОФ – просечната оцена за генералниот квалитет на живот во студентските домови, на скала од 1 до 5, е 2,93.), рестрикциите во студентските домови за најосновните работи како на пример забрана за користење на сопствени решоа и грејни тела во собите, неработењето на лифтовите во определен период од денот и останати небулозни мерки кои единствено се на штета на студентите, па сѐ до измени на Законот за субвенциониран студентски оброк каде што се стеснува обрачот за тоа кој студент има право на оваа мерка. Дополнително загрижува фактот и што се предвидени кратења од 181 милиони денари за студентскиот стандард во буџетот на Министерството за образование и наука за 2023 година“, соопшти МОФ и побараа државните институции да преземаат мерки кои ќе го подобрат статусот на студентите и вистински да покажат дека се залагаат за младите и студентите во државата, а не само декларативно.

М.К. – Б.Ш. – И.С.

фото: Радио МОФ