МОФ: Сѐ расте, само студентскиот стандард опаѓа

Младински образовен форум (МОФ) со разочарување реагира по повод предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, но и општо во врска со моменталната ситуација во која се наоѓаат студентите.

Во услови на енергетска криза, голема инфлација и пост-пандемиско опоравување, велат од МОФ, студентите за жал се први на удар од државните институции со тоа што се преземаат мерки кои влијаат кон намалување на и онака веќе нискиот студентски стандард.

„Почнувајќи од катастрофалните услови во кои се наоѓаат студентските домови (според неодамнешно истражување на МОФ – просечната оцена за генералниот квалитет на живот во студентските домови, на скала од 1 до 5, е 2,93.), рестрикциите во студентските домови за најосновните работи како на пример забрана за користење на сопствени решоа и грејни тела во собите, неработењето на лифтовите во определен период од денот и останати небулозни мерки кои единствено се на штета на студентите, па сѐ до измени на Законот за субвенциониран студентски оброк каде што се стеснува обрачот за тоа кој студент има право на оваа мерка. Дополнително загрижува фактот и што се предвидени кратења од 181 милиони денари за студентскиот стандард во буџетот на Министерството за образование и наука за 2023 година“, соопштува МОФ.

Како организација која веќе повеќе од 20 години работи кон подобрување на студентскиот стандард, посочуваат тие, целосно ја разбираат моменталната ситуација во која се наоѓа државата и свесни се дека потребно е рационализација на трошоците и финансиските средства, но строго се противимат рационализацијата на трошоците да се рефлектира единствено врз студентите, особено ако се има предвид за што и како се трошат парите на граѓаните.

„Оттука, апелираме до државните институции наместо да преземаат мерки кои дополнително ќе го влошат студентскиот стандард сериозно да се посветат кон креирање на законски решенија кои ќе го подобрат статусот на студентите и вистински да покажат дека се залагаат за младите и студентите во државата а не само декларативно. Во спротивно, нормално е да се очекува дека студентите ќе излезат на улиците и ќе го покажат својот револт. Финално, ги потсетуваме државните власти да не ги повторуваат грешките од минатите власти“, се вели во реакцијата на МОФ.