Десетици убиени во немири во Казахстан

Безбедносните сили во Казахстан соопштија дека убиле десетици антивладини бунтовници во операција за воспоставување ред во главниот град Алмати, пренесува Би-Би-Си.

Тоа се случи откако демонстрантите се обидоа да ја преземат контролата врз полициските станици во градот, изјави портпаролката на полицијата.

Осум членови на безбедносните сили беа убиени претходно во немирите, кои беа предизвикани по двојно зголемување на цената на течниот нафтен гас.

Русија испраќа војници на барање на казахстанскиот претседател. Тие ќе бидат распоредени за да помогнат во „стабилизацијата“ на земјата, која е членка на Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДБК) заедно со Русија, Белорусија, Таџикистан, Киргистан и Ерменија.

Протестите започнаа во неделата кога владата го укина ограничувањето на цената на течниот нафтен гас, што многу луѓе го користат за гориво на своите автомобили, но немирите оттогаш се проширија и вклучија поширока политичка димензија.

Обвинувајќи дека „терористички банди обучени од странство“ стојат зад бунтот, претседателот Касим-Жомарт Токаев воведе вонредна состојба на национално ниво, која вклучува полициски час и забрана за масовни собири.

Претседателот Токаев објави дека побарал помош од ОДБК, а нејзинот претседавач, ерменскиот премиер Никол Пашинјан, потврди дека алијансата ќе испрати мировни сили „на ограничен временски период“.

Претседателот Токаев е само вториот човек што го води Казахстан откако тој прогласи независност во 1991 година. Неговиот избор, во 2019 година, беше оспоруван од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) како израз на слабо почитување на демократските стандарди.

Голем дел од гневот на улиците, сепак, се чини дека беше насочен кон неговиот претходник, Нурсултан Назарбаев, кој имаше моќна улога во националната безбедност откако се повлече. Во средата, тој беше отпуштен во обид да ги смири растечките немири и целата влада исто така поднесе оставка.

Демонстрантите се слушнаа како го скандираат името на Назарбаев, додека на интернет беше споделено видео на кое луѓе се обидуваат да ја урнат огромната бронзена статуа од него во Талдикорган, во неговиот роден регион.

Според Би-Би-Си, добивањето јасна слика за она што се случува во централноазиската држава се покажува тешко во услови на она што мониторинг групите го опишуваат како „затемнување на интернетот во национални размери“.

Портпаролката на полицијата во Алмати, Салтанат Азирбек, ги повика луѓето во градот привремено да останат дома, бидејќи во четвртокот продолжи „контратерористичката“ операција во три административни згради.

Десетици напаѓачи беа „елиминирани“ откако се обидоа да упаднат во полициските згради во градот, рече таа, додавајќи дека оружјето било украдено од демонстрантите.

Наводно, околу 1.000 луѓе се повредени во немирите, од кои 400 се згрижени во болница, а 62 на интензивна нега.

Демонстрантите упаднаа во канцеларијата на градоначалникот во Алмати, каде што видеата на социјалните мрежи покажаа облак чад што се издига од зградата, додека се слушаа пукотници.

Персоналот на главниот аеродром во Казахстан мораше да бега од антивладините демонстранти.

Водени топови беа употребени против демонстрантите во западниот град Актобе. Има информации дека безбедносните сили застанале на страната на демонстрантите на некои места.