Ситуацијата во Казахстан се стабилизира – приведен поранешниот претседател на Комитетот за национална безбедност

Ситуацијата во Казахстан се стабилизира по неколкудневните немири кои прераснаа во брутални судири со безбедносните сили, пренесува српски „Евроњуз“.

Претседателот на Казахстан, Касим Џомарт Токајев им се обрати на граѓаните и предупреди дека армијата добила наредба „да отвори оган без предупредување“ и ја отфрли можноста за преговори со, како што наведе, „вооружени и обучени бандити“.

Властите воведоа остри безбедносни мерки во најголемите градови, а силите на Организацијата за колективна безбедност започнаа мировна операција.

Во меѓувреме, во главниот град Нур-Султан е повторно воспоставен кабловски интернет кој беше во прекин, но мобилниот интернет и понатаму не функционира.

Специјалните служби на Казахстан го приведоа поранешниот претседател на Комитетот за национална безбедност Карим Масимов под сомнение за велепредавство. Прес-службата на Комитетот соопшти дека на 6 јануари покренале предистражна постапка за велепредавство, во согласност со Кривичниот законик.

На 2 јануари во земјата започнаа протести поради поскапувањето на горивото, кои подоцна прераснаа во немири и судири со безбедносните сили низ целата земја.

Претседателот Касим Жомарт Токајев побара помош од Организацијата за колективна безбедност и силите на организацијата пристигнаа во земјата. Властите вчера соопштија дека е воспоставен уставен поредок во сите делови на земјата.

Претседателот го прогласи 10 јануари за ден на жалост поради бројните човечки жртви за време на немирите.