За време на немирите во Казахстан уапсени речиси 6.000 луѓе

Речиси 6.000 луѓе се уапсени за време на немирите во Казахстан, меѓу кои и голем број странски државјани, соопшти утринава прес-службата на претседателот Касим Жомарт Токаев, пренесува српски „Евроњуз“.

„Поведени се 125 кривични постапки, а приведени се 5.800 лица, меѓу кои и голем број странски државјани“, се наведува во соопштението на прес службата.

На состанокот на кризниот центар беше посочено дека состојбата во целата држава е стабилизирана и под контрола, како и дека сите административни згради се ослободени, а виталните комунални служби се повторно во функција.

Претседателот на Казахстан нагласи дека безбедносните служби ги преземаат сите неопходни мерки за целосно воспоставување на јавниот ред и мир во земјата.

На негово барање, силите на Организацијата на договорот за колективна безбедност, предводени од Русија беа распоредени на критичните локации во земјата.